Супермаркет/ Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Нема ни трпение, а ни спасение од цените – Ќе јадеме ли повторно бурек поевтин за 5 денари?

Дали воопшто ќе има некакви мерки за стопирање на растот на цените на храната, ќе се знае до крајот на месецов, велат за „Слободен печат“ од Министерството за економија и труд. Потврдуваат дека премиерот Мицкоски имал средба со министерот Бесар Дурмиши, но се разговарало на повеќе теми

Засега е јасно дека на почетокот на август ќе се распишат локалните избори, период во кој сите процеси се запрени, што значи дека нема да може да се носат законски решенија, но Владата повторно може да оди со одлука

На граѓаните им е збоктисано од разни мерки кои божем ги регулираат цените на храната, а во суштина се само шминка, која трае кратко време. Тие велат дека во триесетината денови додека траат мерките, добиваат цени пониски од 5 до 30 денари, а потоа следуваат нови шокови, кои веќе не можат да ги следат. На прашањето на „Слободен печат“, дали се надеваат дека државата може да го регулира пазарот, тие само одмавнуваат со рака. Дел од нив пак додаваат дека веќе се нема ни трпение, а ни спасение од цените. Најавата за некакви можни нови ограничувања на маржите не ја поддржуваат ниту бизнисмените. Орце Симовски, потпретседател на ССК за „Слободен печат“ вели дека нови ограничени маржи нема да доведат до смирување на цените, бидејќи само 20 отсто од храната која ја јадеме е произведена дома.

-Македонија увезува храна за над 700 милиони евра, не произведуваме доволно дури ни пченица. Ако некој смета дека се големи заработките на малопродажните синџири, тогаш нема од година во година да имаме помало производство. Исклучително сме зависни од увоз на храна, а сè што се случува во светот се одразува и врз нас. Наместо економија на делење на вредност, мора да целиме кон економија за создавање на нова вредност. Со мало домашно производство не можеме да обезбедиме благосостојба на нашите граѓаните, да овозможиме поголема вредност и да се исплатуваат поголеми плати. Со разни мерки коишто не се системски ни суштински, ќе земеме од еден, а ќе му дадеме на друг, и пак ќе има незадоволни. Конкуренцијата во македонската трговска мрежа е прилично голема и ако има некое договарање на цените, тогаш институциите треба да си ја вршат работата. Законот за нефер трговски практики, не е закон кој ќе ги намали малопродажаните цени. Јас уште при неговото донесување, реков дека тој закон нема да ги намали цените, туку ќе обезбеди поправилна дистрибуција на заработката во синџирот на трговијата. Во законот е дефиниран рабатот, а не маржата. Во пазарна економија маржите не може да се регулираат, така што ако некој очекувал дека тој закон ќе доведе до намалување на цените, се излажал – објаснува Симовски.

Од Комората на Северозападна Македонија за сличните вакви мерки уште одамна се изјаснија дека тие се на штета и на бизнисите и граѓаните.

-Ваквите интервенции на државата на слободниот пазар може да доведат до намалување на понудата на пазарот, со што повторно ефектот ќе биде минимален или ќе има контраефект – рекоа од оваа Комора. Ограничените маржи, според СКСЗМ, не соодветствуваат со менталитетот на економскиот развој, бидејќи со ова Владата директно интервенира на слободниот пазар, со што се руши овој концепт каде што цените треба да се одредуваат според понудата и побарувачката.

Во меѓувреме, институциите прават анализи, па потоа го разгледуваат, па ги споредуваат, но конкретен заклучок нема. А, дали воопшто ќе има некакви мерки за стопирање на растот на цените на храната, ќе се знае до крајот на месецов, велат за „Слободен печат“ од Министерството за економија и труд. Потврдуваат дека премиерот Мицкоски имал средба со министерот Бесар Дурмиши, но се разговарало на повеќе теми. Засега е јасно дека на почетокот на август ќе се распишат локалните избори, период во кој сите процеси се запрени, што значи дека нема да може да се носат законски решенија, но Владата повторно може да оди со одлука.

Од ССМ досега неколкупати апелираа што поскоро да се одржи седница на Економско-социјалниот совет и да се донесат мерки затоа што состојбата со цените е алармантна. Инаку, за 790 денари е зголемена минималната синдикална кошничка, која според пресметките на Синдикатот во јуни изнесува 64.698. Според ССМ најголем раст е забележан кај храната и пијалаците. Во јуни, за да се прехрани едно четиричлено семејество потребни му биле 23.167 денари, што споредбено со мај бележи зголемување од 733 денари. Од синдикатот алармираат дека за само два месеци кошничката е зголемена за 2.000 денари, додека кај храната и пијалаците вкупно за два месеца зголемување од 1.678 денари.

Според последниот извештај на статистиката, за една година трошоците за живот скокнале за 4, 5 отсто. Најмногу поскапело овошјето, но раст е забележан и кај другите производи.

Нови државни обврзници вредни 34 милиони евра со камата од 5,1 отсто

На Официјалниот пазар, на потсегментот берзанска котација, од денеска во понудата се нови државни обврзници. За вложените пари, на заинтересираните инвеститори им следува каматна стапка од 5,1 процент. Издадени се 208.660 обврзници, чија единечна номинална вредност е 10 илјади денари. Се работи за хартии од вредност без девизна клаузула. Вредност на емисијата е 33,9 милиони евра. Оваа емисија е издадена во четвртокот, на 10 јули. Рокот на доспевање е по 15 години – на 10 јули 2040 година.

Истиот тој ден, во четвртокот, на Берзата се појавија четири државни обврзници со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари (околу 74 милиони евра), објави порталот Пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот