Моника Зајкова / Фото: архива

Нема да има електронски алки за следење на семејните насилници

Пратеничката Моника Зајкова од собраниската говорница го критикуваше тоа што пратениците уште еднаш не ги изгласаа предложените измени на Законот за заштита од семејно насилство предложени од нејзината партија, ЛДП, според кои осудените насилници би биле обврзани да носат електронска нараквица за следење и предупредување на жртвата.

Критикувајќи ги пратениците од власта, Зајкова рече дека „кога имате можност да спречите насилство, а свесно одбирате да не го направите тоа, станувате соучесници во секој следен напад и во секоја следна жртва“.

Предлогот беше поднесен уште лани, но не доби поддршка.

Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита, рече Зајкова.

 

Претседателката на ЛДП смета дека мнозинството јасно избрало да стои како што рече „на страната на молкот, на неакцијата и на насилството“.

Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи на Фејсбук жестоко го критикуваше тоа што предлогот не беше изгласан.

Мнозинството пратеници во Собранието денес отфрлија вредносна и цивилизациска обврска – државата да застане на страната на оној што е во опасност, а не да остане нем набљудувач додека опасноста се приближува кон жртвата. Неприфаќањето на предлог-законот за воведување на електронска нараквица на сторителите на семејно насилство како предупредување за жртвите, поднесен од пратеничката Моника Зајкова и група на пратеници, претставува длабока политичка, човечка и вредносна грешка. Јас бев еден од потписниците на оваа иницијатива затоа што верувам дека семејното насилство не е оградено во приватната, интимна, сфера на жртвите, туку тоа претставува најтежок вредносен тест за карактерот на државата и тие кои што управуваат со неа. Кога институциите немаат волја да воведат механизам што може да предупреди, превенира и заштити, тоа значи дека државата не застанува до жртвата тогаш кога ѝ е најпотребна, напиша тој. 

Според него, оваа одлука на мнозинството пратеници ја „разголува и длабоката противречност на власта“.

Таа сака да се претставува како „десничарска“, како власт на ред, вредности и поредок, но каква е таа идеологија што не препознава дека првата должност на државата е заштитата на ранливиот? Без заштита, секоја идеологија што се повикува на вредности останува без човечка содржина. Семејното насилство не започнува со последниот физички удар, како што ни фемицидот не доаѓа без претходни сигнали. Тоа е општествено толериран процес на страв, закани и институционална тромавост. Затоа денешната одлука на Собранието е одбивање на вредносна определба: дали ќе градиме држава што ќе дејствува навреме или држава која постојано ќе бара изговори кога ќе се случи трагедија?, праша Битиќи. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот