Зонско паркирање - Градски паркинг / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема бесплатно паркирање во Скопје за лица со попреченост од приградски населби

Во споредба со другите градски и државни претпријатија, ЈСП „Скопје“ не прави отстапки во однос на издавањето на бесплатните годишни билети за превоз, каде што право имаат и жителите на приградските општини како Сопиште, Зелениково, Чучер-Сандево, Илинден и Петровец, иако не се под „капата“ на Град Скопје

Жителка на приградската општина Зелениково, чиј татко е дијагностициран со 99 отсто слепило на двете очи, не успеала да добие картичка за бесплатно паркирање на паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“ што им следува на лицата со попреченост, единствено поради нивното место за живеење. Од претпријатието им го одбиле барањето со образложение дека бесплатниот паркинг важи само за жителите на територија на Скопје, но не и на неколкуте приградски општини.

Подносителката на барањето Елена Маневска за „Слободен печат“ го раскажа нејзиното „патешествие“, кое, за жал, завршило неуспешно поради одбивањето за издавање бесплатна картичка за паркирање за нејзиниот татко. Таа вели дека ова е еден голем пример за дискриминација на лицата со попреченост од околните приградски општини во однос на овие „градските“.

– Во ноември го видов повикот за пријавување за бесплатен паркинг за лица со попреченост. Ги собрав сите потребни документи, извештаи и доказен материјал на кои јасно пишува дека мојот татко има 99 проценти слепило, Потоа документите во рок физички ги поднесов во просториите на „Градски паркинг“, од каде што ме информираа дека сè е уредно и дека ќе ми се јават. Помина некој период, а потоа телефонски ме контактираа од претпријатието и ме информираа дека на мојот татко, иако ги исполнува сите услови, не му следува бесплатен паркинг на градските паркиралишта единствено бидејќи е од Зелениково, која иако е во непосредна близина на Скопје, не е една од општините чии жители со попреченост можат да ја користат оваа услуга – објаснува Маневска.

Откако нејзиното барање било одбиено поради, како што ѝ рекле од „Градски паркинг“, законските одредби и поради административни работи, Маневска се упатила во Националниот сојуз на слепи лица во Македонија, од каде што исто така го контактирале претпријатието, но добиле идентичен одговор – не може да се издаде картичка за бесплатен паркинг бидејќи човекот е со постојано живеалиште во Зелениково.

Во споредба со другите градски и државни претпријатија, ЈСП „Скопје“ не прави отстапки во однос на издавањето на бесплатните годишни билети за превоз, каде што право имаат и жителите на приградските општини како Сопиште, Зелениково, Чучер-Сандево, Илинден и Петровец, иако не се под „капата“ на Град Скопје.

Исто така, патарините низ цела држава се достапни и бесплатни за сите лица со попреченост и со одреден тип инвалидитет, независно од која општина или населено место доаѓаат, поради што, според Маневска, ова претставува огромна дискриминација за една од најранливите социјални групи во општеството.

– Ние што сме од село имаме различни права и можности за разлика од другите сограѓани што живеат во град. Лицата со попреченост од селата имаат исти потреби како и оние од градовите, на ист доктор ги носиме и во исти болници се лекуваат, само едните воопшто не плаќаат бидејќи им следува, додека, пак, ние селаните мораме да трпиме и да си плаќаме, иако доаѓаме од подалечни живеалишта – вели таа.

Од Сојузот на слепи лица во Македонија за „Слободен печат“, пак, брифираа дека се запознаени со овој проблем бидејќи до нив стигнале повеќе поплаки од лица со живеалиште во Зелениково, Чучер-Сандево и Сопиште и соопштија дека Сојузот неколкупати поднел иницијатива за давање „луфта“, односно правење минимални отстапки за бесплатниот паркинг на лицата со попреченост, но од „Градски паркинг“ немале слух за овој проблем.

– Свесни сме за овој проблем. До нас пристигнаа поплаки од неколку приградски општини, по што ние го контактиравме претпријатието, но оттаму постојано ни велеа дека тие самоуправи не се во рамките на Градот и барањата што доаѓаат од нивните жители не можат да бидат одобрени. Сепак, тука има простор за отстапки, кои може да се направат, особено за лицата со голем процент на слепило и инвалидитет – велат од Сојузот за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека по овие настани, Националниот сојуз на слепи лица ќе поднесе нова иницијатива до Градот и до претпријатието „Градски паркинг“ за правење отстапки при избор и доделување картички за бесплатен паркинг за лицата со попреченост.

Од ЈП „Градски паркинг“ до објавување на овој текст, не одговорија зошто досега не се направени реформи во однос на селекцијата на лица со попреченост на кои им следува бесплатен градски паркинг или, пак, дали има простор за отстапки за оваа група луѓе.
Елена Маневска, пак, информираше дека поради односот на претпријатието и, како што вели, дискриминацијата на „Градски паркинг“ кон жителите на приградските општини, таа ќе поднесе претставка за дискриминација на лица со попреченост до Народниот правобранител на Македонија.

Зонско паркирање – Градски паркинг / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот