Неизвесно решение за големиот број дивоградби на Попова Шапка

Желбата да се има викендичка на Попова Шапка оди до таму што поединци узурпираат државно земјиште и градат објекти иако немаат ниту имотен лист за парцелата, ниту пак дозвола за градба. Ваквите примери се најекстремните случаи на дивоградби преку узурпација на земјиштето околу Попова Шапка и во викенд населбата каде изминативе две децении се појавија стотици објекти кои луѓето ги користат за престој на познатиот скијачко-туристички центар.

Проценките на здружението на граѓани каде членуваат сопственици на викендици се дека од над 700 објекти во викенд-населбата, околу една третина или околу 250 се во процес на легализација односно досега постоеле како дивоградба.

Со оглед дека освен во викенд населбата викендички има и на други места низ Попова Шапка и околината, бројката на диво изградени објекти се смета дека е уште поголема. Претставниците на здружението на граѓани сметаат дека состојбата со објектите на Попова Шапка е далеку од регулирана и затоа бараат што поскоро да се стави ред во оваа област.

– Има околу 250 викендици што чекаат легализација. Има неколку викендици што се дивоградби што немаат ни имотни листови ни одобренија за градба, или кратко кажано објекти што немаат никаква адреса или документ. Тие и најдобро е да се рушат за да се воведе некој ред таму и да постои сознание и за другите што сакаат на диво да градат дека тоа не е во ред. Поради такви градби се уништува инфраструктурата, самите тие објекти потоа немаат никакви услови од инфраструктура,а гледаат да зафатат површина, вели Хавзи Ризвани, претседател на Здружението на граѓани Попова Шапка каде членуваат сопственици на викенд куќи.

Во општинскиот сектор за урбанизам имаат други бројки, односно велат дека има помалку нелегално изградени објекти.

-Во овој момент се водат 125 предмети за легализација на објекти на Попова Шапка. Од нив за 60 треба да се излезе на терен и да се утврди фактичката состојба, а на другите 65 им недостасува документација која треба да ја достават, се вели во информацијата на Секторот за урбанизам.

На крајот од октомври Општина Тетово информираше дека се урнати две дивоградби изградени на јавна површнини без поседување на никаков документ. Раководителот на општинскиот инспекторат Абдулгани Алији објасни дека тоа се две викенд куќи надвор од населбата во правец кон месноста наречена Јелак. Тој тврди дека како инспекторат имаат надлежност за проверка на објекти кои се во градба, додека за другите викендички одлуката е на Секторот за урбанизам.

-Ние како инспекторатот излеговме на терен и постапивме по закон. Нема да се поштеди никој и законот ќе важи за сите. Ние како инспекторат секоја недела правиме увид на Попова Шапка на објекти што се во изградба. Ги контролираме и тие што се со дозволи, а овие што ги најдовме беа без дозволи и без имотни листови на површина на државата, изјави Алији.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами неколку пати досега најавува изработка на нов Детален урбанистички план за Попова Шапка со што ќе се опфатат и тие викенд куќи кои имаат законска основа за постоење односно легализирање на објекти. Сепак, според него, општината наследила хаос околу легализацијата на тие објекти и оди тешко затоа што целата викенд населба се води како една парцела на име државата.

– На Попова Шапка има има многу градби во фаза на легализација. Во следниот период сите тие ќе бидат пуштени на Совет, каде ќе се одлучи дали ќе се прифати легализацијата или ќе се одбие. Согласно таа ситуација ќе знаеме што понатаму. Стручно тело тоа да го направи, ама на Совет ќе се даде конечна одлука затоа што таму се работи за државно земјиште, ние не сакаме никој во општината да преземе одговорност за легализација на државно земјиште. Ако советот одлучи дека може во тој дел да биде предвидено и да се легализира тогаш како админстрација тоа ќе го прифатиме, изјави Биљал Касами.

Според градоначалникот ќе има уште рушење на дивоградби на Попова Шапка затоа што освен во викенд населбата има објекти и наоколу.

-Рушени се објекти каде што сме утврдиле дека нема постапка за легализација. Има повеќе решенија. Рушењето воедно е релативно. 20-30 години се носени решенија и немаме извештај до каде е реализацијата на тие решенија. Веќе очекувам на една од следните седници на советот, општинскиот инспекторат да дојде со извештај до Советот каде ќе имаме појасна слика од кога се донесени решенијата, за колку решенија станува збор, дали тие објекти се веќе легализирани, дали веќе се рушени, дали веќе не постојат во таква ситуација. Околу 30 години наназад се носени решенија и никој не седнал да види што е со тие решенија и затоа ни треба подетален извештај од инспекторатот што е со реалната ситуација, истакна Биљал Касами.

Месната заедница апелира што поскоро да се донесе деталниот урбанистички план, затоа што освен за регулирање на имотите и објектите, итно е потребно да се работи на инфраструктурата. Пример за тоа е што на ниту една од улиците низ населбата веќе нема здрава асфалтна површина.

– Од 1982 година не е чепнато ништо. Од канализација, од улично осветлување, од асфалтирање на населбата. Тоа е ургетно и треба да се решава тој проблем. Мислам дека го имаат како приоритет и во некои подобри моменти се надевам ќе реагираат. Веќе нема асфалт, еден квадрат асфалт од стариот, не можеш да најдеш, зошто све е испукано, истрошено, издробено од стариот асфалт, едноставно го нема, вели Ризвани.

Проценките во месната заедница е дека од 80-тите години на минатиот век па наваму се изградени 300-400 викендици, додека „градежна офанзива” во последните 20 години уште 200-300 викендици се ново изградени, а за голем дел од нив се се води таа постапка во општината за легализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот