Неизвесна борба за Златната камера на 42. ИФФК „Браќа Манаки“

Почетокот на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ беше во знакот на врачувањето на наградите – Специјална „Камера 300“, „Златна камера 300“ за животен опус и „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а до крајот на фестивалот ќе тече филмската програма, која ќе ги открие носителите на Златна, Сребрена и Бронзена „Камера 300“ за 2021 година.

Годинава организаторите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ одлучија да доделат две специјални награди, „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, и тоа на Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија, и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.

Најголемата награда на Друштвото на филмските работници (ДФРМ) „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му беше врачена на Северџан Бајрам.

Северџан Бајрам и Игор Иванов

Наградата „Златна камера 300“ за животен опус годинава ја доби австрискиот волшебник зад камерата Кристијан Бергер.

Награда „Златна камера 300“ за животен опус за кинематограферот Кристијан Бергер

Програмата од која ќе се добијат новите добитници на Златна, Сребрена и бронзена „Камера 300“ за 2021 година се состои од десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари. Од нив седум се европски филмови, два се азиски филмови и еден е африкански филм.

Сите филмови се дела на режисери што се истовремено и сценаристи на овие филмови, а за четворица од нив ова се дебитантски долгометражни играни филмови. Додека, пак, поголем дел од кинематограферите на овие десет филма се многу поискусни творци, при што половината од нив се со над десет долгометражни филмови во своето портфолио, а за кинематограферите на два од овие десет филма ова е прв долгометражен филм зад чија визуелна естетика се потпишале.

Фестивалот „Браќа Манаки“ се одржува од 16 до 21 септември во Битола под мотото „И покрај сѐ“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Видео на денот