Неготино е трујачница и кланица за улични кучиња, реагира и градоначалничката Нацева
Масовни труења и сакатења на улични кучиња се забележани во изминатите две недели во Неготино, а граѓаните, кои на социјалните мрежи реагираат на ова, сепак не ги пријавуваат случаите во полиција.
Препорачано
Како што пишува порталот „Вики.мк“, од Божиќ наваму во градот имало: расфрлан отров и отруено куче во близина на бензинска станица, отруени кучиња на градскиот пазар, отруено куче во населбата Саат Кула, куче измачувано и оставено тешко повредено…
Објавите на активистите и љубителите на животни во групите на социјалните мрежи предизвикаа реакција и од неготинската градоначалничка Марија Нацева. таа вели дека најостро ја осудува бруталноста кон уличните кучиња.
„Сакам јавно да појаснам – Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство“, вели Нацева во објава на „Фејсбук“.
Таа ги повика надлежните институции да излезат на терен, стручно да постапат и да го казнат секој сторител.
– Апелирам и до сопствениците на миленици – да бидат одговорни, да ги чуваат своите животни во безбедни услови и да не ги пуштаат без надзор. Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво, додаде градоначалничката.
Таа вели дека не станува збор само за благосостојбата на животните – загрозени се и луѓето, особено децата.
– Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата. До сите жители – пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи, пишува Нацева.


