Небиу: Мицкоски создава атмосфера за идна можна коалиција со партиите на Албанците

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу вели дека најавите на ВМРО – ДПМНЕ дека ќе постави услов нив да им припадне претседавач на Советот во општините каде би подржале кандидат на албанската опозиција се порака кон сопственото членство и партиска база, за да се атмосфера за идна можна коалиција со албански партии.
– Мислам дека е тоа порака кон сопственото членство и партиска база, за да се создаде атмосфера и објасни идна можна коалиција со албански партии. Тоа е секогаш потешко за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата сеуште не се откажала од поларизацијата со Албанците како политичко средство, и мобилизација на базата. Во услови кога станува се поизвесно дека СДСМ и ДУИ се договараат за заеднички настап, станува јасно дека без приближување со албанските партии од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ сигурно би изгубила во неколку поголеми градови, вклучително и Скопје. Типично, во нивен стил ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го подготови своето членство за таква коалиција со изјава која личи како да поставува услови и диктира односи кон албанските партии од позиција на надреден – изјави за Слободен печат, Небиу.
Сепак, додава тој, на раководството им е јасно дека односот со и кон албанските партии го плаќаат со неколку последователни порази. и дека овојпат ја научиле лекцијата дека нивниот однос и реторика кон Албанците во сегашната политичка клима значи сигурен билет за опозиционерство.
-Очекувам дека во 10-ина општини ќе ја “спуштат топката“ и сменат реториката како вовед во опозициска коалиција уште во првиот круг– нагласи Небиу.