Не се проблем парите, туку што се делат пред изборите

Владата деновиве најави зголемување на платите во здравствениот и во образовниот сектор, а не се изоставени ниту повозрасните граѓани кои исто така наскоро ќе се израдуваат на повисоки пензии. Тоа што премиерот Зоран Заев ветува „брда и долини“ во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година, посочуваат експертите, не претставува ништо друго освен совршена копија на она што всушност беше главна карактеристика на неговиот претходник Никола Груевски. За аналитичарите не постојат дилеми оти платите и пензиите треба да растат, но предупредуваат дека тоа треба да е резултат на продуктивноста, а не само на потребата за добивање политички поени во предизборието.

Популистички мерки

Повеќе пари ќе добиjaт сите вработени во администрацијата, но најмногу ќе се офајдат лекарите специјалисти, чии плати ќе се зголемат дури за 25 отсто од февруари, а наставниците, пак, ќе добијат 10 отсто повеќе почнувајќи од јануари следната година. Во меѓувреме, беше изгласан и Законот за минимална плата, па отсега минималецот ќе изнесува 14.500 денари наместо досегашните 12.500 денари.

Пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Весна Пемова, обвини дека зголемувањето на минималната плата претставува популистичка мерка за купување гласови пред изборите.

– Многу економски експерти велат дека ако се тргне од фактот дека платата е една економска мерка, тогаш висината на платата многу зависи од економските чинители, а не од политичката волја и желба. Сметаат дека оваа измена и дополнување на Законот за минимална плата во овој предизборен период е чист популизам, и е само во една насока, односно за купување гласови, и дека нема економска база и економска логика за зголемување на минималната плата во овој период – рече Пемова.

Негодување постои и за одлуката да се зголемат пензиите токму во овој период, а како што посочуваат експертите, повозрасните граѓани во земјава веќе се навикнати да добиваат зголемување на пензиите секогаш кога ќе се најават избори во земјава. Аналитичарите оценуваат дека тоа во повеќе наврати го правеше и поранешната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а со предлог-буџетот за 2020 година истите чекори ги прави и актуелниот премиер Зоран Заев. Имено, за следната година 60,7 милијарди денари  се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија население. Со буџетот за 2020 година е планирано зголемување на пензиите за повеќе од 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. Во предлог-буџетот се вели дека ова зголемување е предвидено како дополнително, над редовната индексација со трошоците на живот, со цел да се овозможи соодветно ниво на пораст на животниот стандард и кај повозрасните лица, следејќи го подобрениот животен стандард на вработените.

Копи-пејст

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека сè што функционира во државава од аспект на актуелната власт, всушност претставува една идеална копија од владеењето на експремиерот Никола Груевски.

– Освен поголемата слобода во делот на медиумите, сè друго е потполно исто. Убаво е што ги зголемуваат платите и пензиите, меѓутоа тоа требаше да го направат многу порано, а не да чекаат последен момент со цел да собираат политички поени. За жал, ваквата стратегија сè уште пали во Македонија и власта тоа сака максимално да го искористи. Најголем дел од граѓаните се врзани за власта, па нивото на поданичка култура е такво какво што е. Имаме огромен број сенилни граѓани кои велат дека е добро и дека може да биде и полошо – вели Кекеновски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека СДСМ сега го прави истото она за што се бунеше во минатото кога беше во опозиција.

– Зголемувањето на платите во администрацијата, а не зголемувањето на можностите за работа, практично покажува дека се стимулира јакнење на државната администрација, а не на приватниот сектор. Тоа апсолутно води кон поткуп на гласачкото тело. Всушност, стратегијата на премиерот Заев е иста како стратегијата на експремиерот Груевски, па дури мислам дека е и полоша. Како и да е, ваквиот обид за поткуп нема гаранција дека административецот со сигурност ќе го даде гласот за власта, но секако дека ќе има влијание – објаснува Пекевски.

Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети во изјава за Дојче веле посочува дека предизборните ветувања „брда и долини“ не е непознато за македонската јавност.

– Апсолутно продолжува и оваа власт на некој начин да го прави тоа за што уште пред 10 години постојано предупредувавме дека ќе биде лошо ако стане навика. Така што, ако некој функционирал 11 години на овој начин, така и оваа власт слично продолжува предизборно да ја прави таа фискална експанзија. Но сепак, зависи колку има фискален простор обезбеден во буџетот – предупредува Беџети.

Стаменкова: Власта почна да се засилува пред избори

Пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменкова, обвинува дека СДСМ почнал да ја создава својата гласачка предизборна машинерија во јавната и во државната администрација.

– Иако гласно кажуваат дека не прават поткуп, сепак, доколку паметите, премиерот Зоран Заев пред референдумот за името јавно ги повика сите приватни фирми да ги зголемат платите на вработените. Тој на некој начин прави поткуп за истите тие да излезат и да гласаат на референдумот. Истото се случува и сега во пресрет на предвремените парламентарни избори. Дури постои и податок дека едно лице од Кавадарци деновиве било прераспределено да работи во Прилеп, што е недозволиво – рече Стаменкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот