Не прифаќам уцени и не ме засегаат себичните амбиции на Мицкоски, вели Ковачевски

димитар ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Јас кажав повеќепати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е вторпат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата. Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно побара од Ковачевски да определи средба на која би се договориле за одржување предвремени избори.

„Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. За среќа, ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи. Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа“, му одговори Ковачевски на Мицкоски преку статус на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот