Не е само Партизан: Во трката за Димитријевиќ се и ЦСКА Москва и Хапоел Тел Авив
Многу клубови внимателно ја следат ситуацијата околу актуелниот играч на Олимпија Милано од Италија, Ненад Димитријевиќ. Сѐ поизвесно е дека Димитријевиќ и италијанскиот кошаркарски клуб ќе се разделат на крајот од оваа сезона, Олимпија Милано ќе мора да му плати голема отштета на Димитријевиќ за раскинување на договорот.
Препорачано
Партизан во изминатиот период повторно се споменуваше како нова потенцијална дестинација за нашиот плејмејкер, но белградските „црно-бели“ не се единствените во трката за потписот на Македонецот.
Имено, ЦСКА Москва му понуди на Димитријевиќ двегодишен договор, но Димитријевиќ сè уште не донел никаква одлука за продолжување на кариерата. Постојат и други понуди, најконкретната е од Хапоел Тел Авив, но малку е веројатно дека Димитријевиќ ќе оди во Израел.
Димитријевиќ веќе играше во Русија, играјќи за Уникс Казан, каде што имаше забележителна сезона во ВТБ. Таму тој беше еден од лидерите на тимот, со просек од над 13 поени и пет асистенции.
Тој ја започна својата кариера во младинските тимови на МЗТ Скопје, а како тинејџер се пресели во Шпанија, каде што во 2016 година потпиша за Хувентуд од Бадалона. Тој помина пет сезони во тој клуб и се етаблираше во АЦБ лигата. Во сезоната 2020/21 имаше просек од 10,4 поени и 3,6 асистенции по натпревар.


