Протест на плоштадот „Македонија“ по трагичниот пожар во Кочани / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Не бараме поддршка од политичките партии, туку од институциите, велат од „Кој е следен“

Нашиот одговор е: Не, фала. Од вас не сакаме поддршка. Очекуваме оставки, одговорност и систем што функционира. „Кој е следен?“ се роди токму поради Вашата нефункционалност – местото не Ви е до нас!

Политички партии кои во овој момент или во минатото активно учествувале во креацијата, развојот и во одржувањето на ваквиот трул систем кој со децении ја крои и пеплосува македонската општествена реалност, не може да бидат наши сојузници! Овој систем е ваше чедо, продукт на вашите пропусти и лаги, на вашите тајни договори и намерни заташкувања. Продукт на вашето селективно изразување поддршка и на вашите постојани грешки, велат од граѓанското движење „Кој е следен“ во соопштение упатено до политичките партии и порачаа дека не бараат поддршка од нив, туку од институциите, за исполнување на нивните барања. Тие велат дека институциите работат за граѓаните, а политичките партии работат за себе.

– Нашиот одговор е: Не, фала. Од вас не сакаме поддршка. Очекуваме оставки, одговорност и систем што функционира. „Кој е следен?“ се роди токму поради Вашата нефункционалност – местото не Ви е до нас! – се вели во соопштението.

Пораката што ја испраќаат до СДСМ е следна: Со кој легитимитет денес ја поддржувате борбата за правда, кога токму вашето владеење придонесе овие барања да постојат? Ја одбиваме вашата „поддршка“ бидејќи ваквите обиди за приклонување не само што се провидни, туку и навреда за сите оние кои со години се борат против неправдите на овој корумпиран систем, од кој вие самите сте дел и помогнавте да се изгради. Нема потреба да се согласувате со барањата на „Кој е следен“ – тие се токму адресирани и до вас.

Протест за прегазената девојка Фросина - Слободен печат / Методи Здравев
Протест за прегазената девојка Фросина – Слободен печат / Методи Здравев

– Воедно, не сакаме поддршка ниту комуникација со ДУИ – партија со клучна улога во креирањето на системот кој наместо да штити, дозволува насилство и неказнивост. ДУИ е симбол на корупцијата, клиентелизмот, политички притисоци и институционалниот распад. Дел од најсериозните системски девијации се токму нивно наследство – се вели во соопштението.

„Кој е следен“ се оградува и од јавната поддршка на Левица – „Доколку сакате да го смените системот, дејствувајте преку механизмите со кои располагате во Собрание, а не со евтин хаштаг популизам“, порачаа тие.

На Владата и владејачките партии им порачаа дека ја имаат сета моќ и очекуваат одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита и безбедност на граѓаните.

– Доколку навистина го разбирате народниот револт како што тврдите, повикајте на обединување, бидејќи тоа ни е денес најпотребно, во тој случај нема да има потреба од манипулации, пропаганда против наши членови и ширење страв и омраза, туку ќе ги искористите механизмите кои ви стојат на располагање и ќе ги остварите нашите барања – неселективно и без компромис за ’своите‘ луѓе. Ја имате сета моќ во ваши раце. Очекуваме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита и безбедност на граѓаните. Вашиот досегашен однос, придружен со вулгарна реторика, укажува на опасно оддалечување од демократски вредности и не води кон вистински системски промени. Време е за сериозно преиспитување и одлучна промена на правецот во интерес на јавниот просперитет и иднината на општеството. „Кој е следен?“ не е простор за политичка рециклирана поддршка, туку граѓански повик за одговорност и вистинска промена. Партиите имаат отворен простор на дејствување и интервенции во системот преку Собранието и нивните вработени во сите институции. Наместо да издаваат соопштенија, нивните пратеници треба да се фокусираат на системски промени и конкретни решенија. Соопштенијата не значат ништо, освен обид да се присвои автентичниот народен револт – се вели во соопштението.

Наместо поддршка на хартија и празни зборови, од „Кој е следен?“ велат дека очекуваат конкретни дела и одговорност и бараат правда, отчетност и темелни промени во системот – нешто што ниту една од политичките партии не успеа да го испорача.

– Ова е автентичен граѓански повик за правда и градење на систем кој ќе служи на сите, а не само на партиите, поради тоа што досега си слушаме само партиите, а итно ни е потребен одговор. Системот е следен, но не забораваме кој беше претходен. Сите вие сте дел од системот! – велат од движењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот