Германски војници на вежби на НАТО - Фотографија ЕПА, Валда Калнина

НАТО има многу дупки за крпење во европската одбрана

Плановите се строго доверливи, но воени и цивилни експерти што говореле за Ројтерс издвоиле шест главни проблеми што се приоритетни за решавање – поставување повеќе противвоздушни системи, распоредување долгострелни проектили, ангажирање повеќе војници, производство повеќе муниција, надминување на логистички проблеми, како и побезбедни дигитални комуникации на бојното поле

Додека политичкото водство на НАТО е преоптоварено со војната во Украина, со опасноста од промена на власта во Белата куќа и со обидите да се зацврсти единството на Алијансата, воените планери укажуваат дека мора итно и засилено да се работи на затворање на „дупките“ во одбраната, особено во Германија.

На самитот во јули лидерите ги одобрија плановите за обемна обнова на одбранбените капацитети, пред сѐ со цел да се засили безбедноста на Европа од заканата од Русија, која сега се смета за многу пореална отколку по крајот на Студената војна.

Офицери вклучени во плановите за обнова инсистираат да се задоволат барем минималните потреби, за што веќе се известени владите на членките.

Воен планер, кој инсистирал на анонимност, изјавил за Ројтерс дека во минималните потреби се наведени пропустите на армиите од НАТО и се дава груба проценка колку милијарди евра би чинело надминувањето на проблемите. Целта е да се изработи документ со обврзувачки цели што владите треба да ги прифатат најдоцна до летото в година, кога ќе биде редовната средба на министрите за одбрана.

Плановите се строго доверливи, но воени и цивилни експерти што говореле за Ројтерс издвоиле шест главни проблеми што се приоритетни за решавање – поставување повеќе противвоздушни системи, распоредување долгострелни проектили, ангажирање повеќе војници, производство повеќе муниција, надминување на логистички проблеми, како и побезбедни дигитални комуникации на бојното поле.

Нови трошоци во ера на кратење буџети

Главниот проблем за постигнување на целите е од финансиски карактер, во период на криза и кратење на националните буџети. Реалната можност Доналд Трамп повторно да стане претседател на САД веќе не се смета за толку голем проблем. Трамп своевремено ги критикуваше европските партнери дека не придонесуваат доволно за НАТО и дека се потпираат на безбедноста што им ја овозможува Америка, но сега европските земји самите ја разбираат потребата да издвојат повеќе за сопствената и колективната одбрана, без оглед дали тоа го бара Вашингтон. Таквиот став беше потврден на самитот во јули.

– Мораме да признаеме дека европските нации во НАТО треба да преземат поголем товар, каков и да биде резултатот од претседателските избори во Америка, чиј приоритет полека се префрла кон Индо-пацифичкиот регион – изјави во Вашингтон британскиот секретар за одбрана Џон Хили.

На самитот беше утврдено дека 23 од 32 членки веќе го исполнуваат минималниот придонес за НАТО од најмалку 2 отсто од бруто-националниот производ, а многу земји прифаќаат значително да го надминат тоа ниво. Туули Дунетон, потсекретар за одбрана на Естонија, побара в година да се крене минималниот праг на 2,5 или на 3 отсто од БНП.
Од вкупните проценети трошоци за НАТО во 2024 година, во износ од 1,47 билион долари, Америка учествува со 967,7 милијарди, десет пати повеќе од Германија, која е на втората на списокот според придонеси.

– Како и да завршат изборите во Америка, европските сојузници ќе мораат да ги засилуваат своите одбранбени капацитети, готовноста на силите и резервите на муниција – изјавил за Ројтерс еден од изворите во НАТО.

Потреба од 350.000 војници

Недостасува и заеднички став за степенот на строгост на односите со Русија. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, на пример, предупредува дека веќе за пет години е можен руски напад врз членка на НАТО. Но, низа европски земји се плашат од отпор ако побараат повеќе пари за одбрана, бидејќи даночните обврзници веќе трпат голем притисок да ја издржат зголемената цена на живеење.

– Можно е да се материјализира политички контраудар ако политичарите се обидат да објаснат зошто треба да се крати од други сектори за да се зголеми буџетот за одбрана – објави пред еден месец аналитичкиот центар Евроинтелиџенс.

Општ е заклучокот дека НАТО е пред втората темелна преобразба од формирањето, но целосно спротивна од онаа по крајот на Студената војна. Алијансата тогаш бараше нови цели за своето постоење, бидејќи заврши основната – одбрана на демократска Европа од комунистичките земји во Варшавскиот блок. Фокусот беше пренасочен на мисии далеку од континентот и на одбрана од долгострелни проектили. Сега главната закана повторно е Русија.

Уште пред неколку месеци стратези од НАТО укажуваа дека се неопходни уште 35 до 50 нови бригади за да се издржи евентуален напад од Русија. Тоа би значело дека треба да се ангажираат уште меѓу 105.000 до 350.000 војници. На Германија би ѝ биле потребни три до пет нови бригади, односно 20.000 до 30.000 војници спремни за борба. Властите во Берлин настојуваат да опремат три дивизии, но ќе мора да сторат напор да изнајдат средства за уште една.

Берлин, според новите планови, би морал и четирикратно да ја засили противвоздушната одбрана. Тоа опфаќа поставување нови системи „патриот“, но и батерии со помал дострел, за подобра заштита на бази, центри, пристаништа, аеродроми и логистички јазли. При евентуална тревога на источниот фронт, преку Германија ќе мора да поминат повеќе од 100.000 војници.

Проблем е и организацијата и одбраната на логистичките операции – Фотографија ЕПА, Ханибал Ханшке

За време на Студената војна во Германија, како во гранична земја на НАТО, беа поставени 36 батерии „патриот“. Сега се останати само 9 батерии, откако три ѝ беа отстапени на Украина. Нарачани се четири нови, за сума од 1,35 милијарда евра, а потребни се уште многу повеќе. Токму затоа Берлин реши да ја преполови сумата на воена помош што ѝ ја даваше на Украина, проценувајќи дека на Киев би требало да му биде доволна помошта во вредност од 50 милијарди долари од замрзнатите руски сметки.

Логистички главоболки

Тешка задача имаат и логистичарите, кои разгледуваат планови како најефикасно може да бидат транспортирани гориво, храна и муниција за трупите до можниот фронт и како во спротивна насока да се префрлаат ранети војници и заробеници.

– Тие цртаат мапи и патеки, со прецизни детали, за да бидат сигурни дека мостовите се доволно цврсти да издржат товар – истакнува изворот.

Се развиваат и сценарија за одбрана на клучни комплекси, како американската воздухопловна база во Рамштајн во јужна Германија или Бремерхавен и други пристаништа во Северно Море, преку кои би требало да се префрлаат трупи и оружје кон Полска.

Геостратегиските промени по Студената војна значат дека евентуалниот фронт со Русија сега е подалеку на исток, поради што префрлањето на трупи до бојното поле би траел до два месеца – на толку време се проценети дејствата од политичките одлуки, па сѐ до транспортот.

Европа, укажуваат експерти за логистика, нема железница со капацитет да пренесува тенкови и тешко оружје. Балтичките земји, на пример, имаат железници согласно советските стандарди, па товарот мора да биде префрлан од воз на воз.

Големо внимание се посветува и на кибернетската безбедност, која во модерното војување има многу поголема важност заради координирање на акциите и следење на движењата на непријателските единици. Со хакерски напад, на пример, би можеле да бидат онеспособени телекомуникациите, енергетската мрежа, па и автоматските свртници на пругите преку кои поминуваат возови со оружје и трупи. Кибернетски активности би можеле да бидат првиот сигнал за руски напад. Треба прецизно да се дефинира и кои сѐ дејства би требало да се сметаат за подготовка за напад и како да се реагира на секое од нив.

– Европа мора да се спреми да ги покаже забите и уште на првите сигнали за сомнителни дејства на Русија да префрли трупи спремни за борба на потенцијалниот фронт. Со тоа би се постигнал ефект на одвраќање, но и веднаш би се реагирале ако тензиите прераснат во војна – изјавил анонимниот извор на Ројтерс запознаен со строгодоверливите планови на НАТО за засилување на одбраната на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот