НАТО ги мери своите зборови за Русија
Алијансата изгледа сака да го остави во позадина членот 5 од Северноатлантскиот договор за заштита бидејќи ситуацијата е многу чувствителна кога станува збор за Кремљ кој можеби ги тестира нејзините граници, ја испитува спремноста за реакција доколку избие конфликт, а можеби, во случајот со дронот кој падна во Романија, станува збор за ненамерен инцидент.
Дрон во петокот удри во станбена зграда во романскиот град Галац, при што беа повредени жена и дете. Романија го впери прстот кон Кремљ, додека, пак, Москва отфрли директна одговорност, тврдејќи дека можеби станува збор за украински дрон и барајќи „докази“ за тврдењето на Букурешт.
Препорачано
Инцидентот заврши со внимателна дипломатска реторика, без потези што би значеле нагло заострување на односите со Русија. НАТО ја осуди „руската неодговорност“, но реакцијата остана воздржана.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, изјави дека е „прерано“ да се каже дали дронот бил руски и побара увид во доказите. Кремљ има простор да внесе сомнеж во потеклото на леталото, со оглед на тоа што украински дронови, исто така, влегле во териториите на членки на НАТО.
Алијансата изгледа сака да го остави во позадина членот 5 од Северноатлантскиот договор за заштита бидејќи ситуацијата е многу чувствителна кога станува збор за Кремљ кој можеби ги тестира нејзините граници, ја испитува спремноста за реакција доколку избие конфликт, а можеби, во случајов, станува збор за ненамерен инцидент.
Но, која е и да е вистината, НАТО очигледно настојува да избегне чекор што би бил протолкуван како директна конфронтација со Москва.
Украина е под закана од масoвни руски воздушни напади, предупреди Зеленски
Ова не се случува првпат
Сепак, иако инцидентот во Галац беше прв случај во кој беа повредени цивили, руските дронови веќе неколку години влегуваат во територијата на Романија. Летала што скршнуваат од курсот, паѓаат на нејзината територија или ја преминуваат границата на пат кон Украина се регистрираат од 2023 година. Дронови претходно оштетувале објекти и паѓале во населени или во погранични зони, вклучително и во Галац пред само еден месец.
Руските дронови што влегуваат во романскиот воздушен простор на пат кон Украина честопати се следени од авиони на НАТО, сè додека не ја напуштат романската територија или не паднат во Украина. Во септември 2025 година, два романски авиони Ф-16 следеле руски дрон речиси 50 минути откако влегол во романскиот воздушен простор, пред леталото на крајот да се урне во Украина.
Особено чувствителна е источната погранична населба Плауру, во близина на украинската граница и на пристаништето Измаил. Таму руски беспилотни летала повеќепати се уривале во изминатите години, а жителите опишувале како шрапнели паѓале врз покриви за време на руските напади врз украинската инфраструктура.
Таквото чувство на „погранична нормализација“ на војната дополнително го усложнува јавниот одговор, а реториката за тие прашања е поблага. Претходниот романски претседател Клаус Јоханис дури тврдеше дека „никаков дрон“ не ја погодил романската територија, изјава што подоцна беше демантирана и од аналитичари, а и од самата романска војска.
Овие епизоди ја хранат недовербата дека властите секогаш ја покажуваат целата слика, особено кога инцидентот може да отвори прашања за НАТО, Русија и за ризикот од поширока воена ескалација.
Тешко е да се утврди што е што
Естонија, Латвија, Литванија и Финска во оваа војна се соочија со повеќе упади на дронови, а за дел од нив се наведуваше дека биле украински или дека станувало збор за украински летала наменети за цели во Русија. Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека силното руско електронско попречување може да објасни зошто дронови завршиле во воздушниот простор на неговата земја.
Во контекст на тезата дека можеби некој украински или, пак, руски дрон, „заскитал“ поради попречен сигнал, нешто што честопати се користи како објаснување или оправдување за дронови што влегуваат во територијата на овие земји, воените експерти честопати предупредуваат дека секој дрон не може едноставно да се „пренасочи“ така лесно.
Попречувањето сигнал најчесто значи дека леталото ги губи или тешко ги прима ГНСС и ГПС-сигналите. Лажното наведување, пак, подразбира системот да добие фалсификувани податоци и врз основа на нив да пресмета погрешна позиција. Во првиот случај, дронот може да продолжи по приближна насока, да ја промаши целта или да падне. Во вториот, леталото може да процесира дека се наоѓа на една точка, иако реално е на друга.
Воените беспилотни летала можат да користат фреквентно скокање, повеќе канали на комуникација, инерцијална навигација, однапред внесени координати или сателитско наведување. За да се процени што навистина се случило, потребни се повеќе податоци за типот на леталото, траекторијата, висината, брзината, времетраењето на летот, остатоците од навигацискиот систем и радарските записи, нешто што честопати нема да биде обелоденето во јавноста поради безбедносни причини, што секогаш остава простор за шпекулации.
Сепак, пропагандата, лагите и полувистините се секојдневие во војните, па тешко е веднаш да се утврдат фактите. Дронот може да биде руски или украински, може да станува збор за провокација, техничка грешка, загубен навигациски сигнал, последица од противвоздушна одбрана или, пак, за електронско попречување со цел вината да се префрли врз противникот, што отвора простор за политичка манипулација.
Алијансата е во небрано
Сепак, за НАТО, секој ваков инцидент е политичка стапица. Ако Алијансата реагира премногу остро, Москва може да ја обвини за ескалација. Ако реагира премногу воздржано, се создава впечаток дека источното крило е ранливо на евтини дронови и на технички инциденти, а реакцијата е блага доколку Кремљ ги тестира границите, буквално и фигуративно.
Ова се случува во период кога членките на НАТО се обидуваат драматично да ги зголемат трошоците за одбрана, а американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Вашингтон не планира да остане главниот покровител на членките на Алијансата.
Старото правило, поставено како политичка цел по самитот во Велс во 2014 година, беше земјите членки да издвојуваат најмалку 2 отсто од БДП за одбрана. По руската инвазија врз Украина, таа граница сè повеќе почна да се смета за недоволна. На самитот во Хаг во 2025 година, сојузниците се обврзаа до 2035 година да стигнат до нова цел од 5 отсто од БДП – 3,5 отсто за основни воени потреби, како вооружување, војска и капацитети, а дополнителни 1,5 отсто за пошироки безбедносни инвестиции, меѓу кои воена мобилност, инфраструктура, сајбер безбедност и заштита на критичната инфраструктура.


