Населението старее, негата е тешко достапна, а пензискиот систем — неодржлив

Системот за грижа за стари луѓе е неразвиен и нефункционален. Услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од еден отсто за луѓето над 65 години. Истовремено, пензискиот систем е неодржлив, во услови кога населението сѐ повеќе старее, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Оттука, постои ризик од зголемување на социјалната исклученост и дополнително оптоварување на јавните финансии во наредните децении.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави ревизија на успешност на тема „Стареење на населението“. Со ревизијата е опфатен периодот од 2014 до јуни 2024 година, а главниот заклучок е дека се потребни сеопфатни системски реформи што ќе донесат стабилност на пензискиот ситем, но и промени во грижата за пензионерите во Македонија.

Според ревизорите, буџетските трансфери за пензии достигнаа 690 милиони евра во 2024 година, а во 2025 година овие трансфери се очекува да го надминат наведениот износ.

„Иако пензискиот систем димензиониран во три столба, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи“, стои во документот.

Дополнително, инвестициските портфолија на задолжителните пензиски фондови се концентрирани водомашни државни обврзници, што го ограничува приносот на пласираните средства поради ефектот на инфлацијата.

„Покрај усвојувањето на повеќе стратешки документи, нивната имплементација не е на задоволително ниво. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата нема донесено сеопфатен стратешки документ исклучиво посветен на старата популација. Услугите за старите лица се ограничени, услугата помош во домот е достапна за помалку од 1 отсто од лицата над 65 години, а воопшто не е воспоставена во 31 општина. Доминантен дел од грижата и натаму припаѓа на неформалниот сектор и на семејствата“, забележуваат ревизорите.

Во пензионерските домови се сместени 368 лица, педесетина сè уште чекаат

Демографските проекции за Македонија се негативни. Ова во превод значи дека учеството на луѓето над 65 години ќе се искачи на над 34 отсто до 2055 година, бројот на луѓе над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население од 14 до 64 години ќе се намали за речиси половина милион, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии.

„Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението. Во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6% (од 22.585 живородени/14.771 матуранти)“, посочуваат ревизорите.

Со негативни демографски проекции, а во отсуството на навремени и ефективни реформи, нагласуваат тие, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4 отсто од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет.

Пензиите се навреме, ама реформите доцнат

„Системот за грижа за стари лица е недоволно развиен. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата веќе седум години нема донесено активен сеопфатен стратешки документ за грижа за лицата над 65 години. Националната развојна стратегија 2024–2044 за прв пат го третира демографското стареење како егзистенцијално прашање, но претходните стратегии кои се поврзани со оваа тема покажуваат системски слабости: преобемни цели, нејасни рокови, отсутни финансиски проценки и неефикасна координација“, стои меѓу заклучоците од резизијатаа.

Буџетот за социјална заштита од 2019 до 2025 година е зголемен за 68,8 отсто, но растот е главно насочен за исплата на паричните права  – надоместок за помош и нега од друго лице, социјална пензија и слично.

„Социјалната пензија опфаќа 13.230 корисници, но износот е двојно помал од минималната пензија и не ја намалува сиромаштијата. Формалните услуги за стари лица се ограничени: услугата помош и нега во домот опфаќа околу 3.000 корисници (помалку од 1% од 315.000 лица над 65 години) и не е достапна во 31 општина во земјата. Дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 кревети (7 легла на 1.000 жители над 65 години)“, забележува ДЗР.

Уништена небезбедна храна од старечки домови, четири фирми добија и казни

Воедно, притоа постојат листи на чекање и нерамномерна географска распределеност, претежно во Скопскиот регион, што според ревизорите е уште еден показател за недоволниот капацитет на овие услуги.

„Според извршени проекции заклучно со 2024 година околу 63.000 лица над 65 години имаат потреба од долготрајна нега додека до 2050 година овој број ќе порасне на 108.000 лица (за 70 отсто). Поради ова без значително зголемување на капацитетите, товарот ќе падне врз семејствата и неформалниот сектор“, нагласува ДЗР.

Заклучокот е дека Македонија се наоѓа во еден од најбрзите процеси на демографско стареење во Европа. Состојбата упатува на итни системски реформи – вклучително зголемување на возраста за пензионирање, прилагодување на стапките на придонеси, ревизија на моделот за усогласување на пензиите, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и зголемување на капацитетите за услуги кон старите лица.

„Државниот завод за ревизија даде препораки за надминување на утврдените слабости, вклучително зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на координацијата, мониторинг и финансиска одржливост на системот за грижа за стари лица, кои треба да одговорат на демографските предизвици во наредните децении“, констатираат ревизорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот