Народна банка: Се очекува намален економски раст и зголемена инфлација

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРСМ/Фото; Народна банка

Од Европската инвестициона банка стигнаа позитивни најави во однос на финансиска поддршка за да се надмине и оваа криза. Во фокус е и помошта за зелената транзиција

Сите прогнози на меѓународните монетарци одат во насока на тоа дека во идниот пeриод ќе се намали економската активност, ќе продолжат понатамошните притисоци врз инфлацијата, но добра вест е што нема предвидувања за рецесија, што значи дека сепак ќе има раст на бруто-домашниот производ.

Ова е заклучокот од заедничката прес конференција што вчера ја одржаа гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и потпретседателката на Европската инвестициона банка Лилјана Павлова по повод 8-та истражувачка конференција што НБРСМ ја организира со ЕИБ.

– Иако се чинеше дека економијата се опоравува, по војната во Украина, се случи нов шок. По една декада ниска инфлација, сега имаме високи стапки. Половина од земјите во развој забележаа инфлација над 7 проценти – посочи гувернерката Ангеловска Бежоска.

Таа објасни дека според последните проекции на ММФ, годинава економскиот раст во земјите од Централна и Источна Европа во просек ќе биде 3 проценти, а кај нас 3,2 проценти. Тоа е забавен раст во однос на претходните прогнози, но сепак е раст – рече гуверенерката.

Таа потенцираше дека на среден рок предизвик ќе биде отстранување на структурните грешки.

– Структурните рефoрми не смеат да чекаат. Треба поголемо значење да се даде на човечкиот капитал, на иновативност и на конкурентност – рече Ангеловска Бежоска.

Од Европската инвестициона банка пак, стигнаа позитивни најави во однос на финансиска поддршка за да се надмине и оваа криза. Потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова потсети дека за врема на пандемијата Македонија добила директна финансиска помош од ЕИБ од 160 милиони евра, а префрлени се и 100 милиони евра преку Развојната банка за поддршка на мали и средни претпријатија.

– Европската инвестициона банка е финансиска рака на ЕУ. Со новонастанатата ситуација се предвидени 4 милијарди евра и за зeмјите членки на ЕУ и на Западен Балкан. Колку пари ќе се одвојат за Македонија дополнително ќе се утврди. За тоа и за проектите ќе се разговара со Министерството за финансии – рече Павлова.

Но, таа нагласи дека посебно ќе се подржуваат проекти во рамките на зелената транзиција, а интерес има и за поддршка на железничкото поврзување на Македонија со Албанија, како и проекти за пречистителни станици.

– Потребни се стратегии, но кои не ја зголемуваат задолженоста на земјата. Затоа, насочени сме и кон стимулирање на приватниот сектор, за иновации кои ќе произлезат оттаму – рече Павлова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот