Направете и наздравете: Совршениот коктел за секој хороскопски знак

коктели
Фото: Пиксабеј

Сè е запишано во ѕвездите – велат оние кои внимателно го проучуваат. Ѕвездите не одлучуваат само за нашиот живот, иднина и судбина. Ни кажуваат и како да се облекуваме, што да јадеме и пиеме. Ако ви се допаѓа коктелот предвиден за вашиот знак, тогаш – Живели!

Овен

Со Овенот владее Марс, богот на војната, па во тој дух подготвивме коктел кој ќе одговара на неговата огнена природа. Освежувачки, со малку алкохол, ќе има смирувачки ефект врз нетрпелива, агресивна природа на овој хороскопски знак.

Насау коктел

Потребно е: чашка сок од лимон и чашка сок од грејпфрут, 4 чашки сок од портокал, две чашки вотка и сируп од малини.

Подготовка: измешајте ги сите состојки, додадете коцки мраз, истурете во изладена чаша и украсете со парче лимон, свежи рибизли и листови нане.

Бик

Со овој знак владее Венера, па Бикот е сензуален гурман кој ужива во друштво. Нивниот цвет е роза и го сакаат мирисот на нане. За Биковите нема подобар пијалок од оној кој го стимулира и задоволува нивниот префинет вкус.

Зелен коктел

Потребно е: чашка бел рум, чашка ликер од нане, 2 чашки вотка, листови свежо нане.

Подготовка: измешајте ги сите состојки, додадете искршен мраз, истурете во изладени чаши, декорирајте со роза и листови свежо нане.

Mint Julep, Фото: Wikimedia

Близнаци

Променливиот, непостојан Близнак, предводен од Меркур сака силни бои и двосмислени ситуации, но со одредени решенија. Ќе им се допадне коктелот што го препорачуваме, бидејќи го сакаат мирисот на анасон.

Анис коктел

Потребно е: чашка ликер од вишни, 3 чашки мастика, 3 чашки вода и мраз.

Подготовка: сите состојки ставете ги во шејкер, додадете многу мраз, добро протресете и прелијте го во чаши. Послужете го украсен со прстени од портокал и некое егзотично или сезонско овошје.

Рак

Раковите по природа се носталгични сонувачи. Обожаваат сè што е магливо и неостварливо. Сакаат дискретни бои, но храна со силен вкус. На овој знак, кој по природа е бавен, му треба одредено охрабрување, па ќе ужива во остар краток пијалок.

Пенлив шејк

Потребно е: чашка вотка, 3 чашки бел рум, 3 чашки сок од лимон, 2 лажички изматени белки, мраз.

Подготовка: сите состојки ставете ги во миксер и мешајте додека не се запенат. Послужете во изладена чаша.

Лав

Лавот-роден лидер, сака сè што го истакнува и ја зајакнува неговата силна и нескротлива природа. Како неговиот заштитник Сонцето, му прилега жолтата боја и мирисот на босилекот, кралското растение.

Коктел од ананас

Потребно е: чаша пенливо вино, чашка сируп од ананас, парчиња свеж ананас.

Подготовка: Сирупот од ананас прелијте го со ледено вино, додајте чаша прстени од ананас и листови босилек и послужете веднаш, додека е пенливо.

Девица

Срамежливата и воздржана Девица е секогаш дотерана и полна со обѕир. Има супериорна контрола над своите чувства и постапки. Сака дискретни бои, пригушена светлина и пригушени чувства. Ќе ужива во коктел кој малку ќе ја потресе.

Коктел за охрабрување

Потребно е: 2 чашки вотка, 1 чашка ликер од круша, чашка крем од какао, мраз, газирана вода.

Подготовка: добро измешајте ги сите состојки, додадете коцки мраз и малку газирана вода. Украсете со цветови од хортензија и гранчиња мајчина душица.

Вага

Вагите се префинети, елегантни, шармантни и неодлучни. Тие сакаат сè што е префинето и убаво. Нивната боја е розова. Препорачуваме коктел со шумски јагоди, кои се нивните омилени овошја:

Коктел Розини

Потребни се: 2 чашки вотка, шолја шумски јагоди, чашка коњак, 2 чаши пенливо вино.

Подготовка: Измешајте ги сите, добро изладени состојки и истурете ги во високи чаши за шампањ. Украсете со прстени од портокал и јагоди.

Скорпија

Страсна и емотивна, секогаш растргната од внатрешни пожари, Скорпијата е знак познат по крајности. Нејзините планети, Марс и Плутон, ја прават агресивна, но и богата. Скорпиите сакаат силни бои, силни вкусови и силни искуства.

Милионер

Потребно е: 2 чашки бел рум, чашка темен вермут, чашка сок од лимон, мраз.

Подготовка: измешајте ги сите состојки во шејкер, истурете ги во длабоки чаши и декорирајте со гарденија.

Стрелец

Искрениот, весел оптимист Стрелец сака силни бои и зачинети вкусови. Нивната страст е патувањето. Затоа им предлагаме пијалок кој ќе им го донесе далечно море.

Брегот на Слоновата Коска

Потребно е: 2 чашки сок од лимон, 3 чашки сок од портокал, чашка ликер од вишни, чашка ликер од киви, чашка „bitters“.

Подготовка: измешајте ги сите состојки, додадете мраз, истурете во чаши и украсете со парчиња портокал и лимон.

Коктел/Фесјбук
Коктел/Фесјбук

Јарец

Строгите, решителни и конзервативни Јарци со кои владее Сатурн сакаат темни нијанси и остри вкусови. Им одговара цветот на азалеја. Нивниот коктел е темен, хранлив и гломазен.

Црно кадифе

Потребно е: чаша силно, густо црвено вино, жолчки од јајце, малку рендано морско оревче, сода вода.

Подготовка: Сите состојки изматете ги во миксер, истурете ги во длабока чаша, во силен млаз додајте газирана вода и веднаш послужете.

Водолија

Непредвидливи, непостојани и секогаш во облаци, Водолијата сака сè што е природно, освежувачко и стимулирачко. Таа живее во вечна напнатост и ја привлекува сè што е недостижно. Ќе си замисли дека е на крајот на светот со:

Коктел фантазија

Потребно е: 3 чашки сок од лимон, 2 чашки ликер од нане, 2 чашки вотка, тоник.

Подготовка: измешајте ги сите состојки, додадете кришки сезонско овошје и послужете разладено

Риби

Недофатливите, нејасни и романтични Риби со кои владее Нептун, богот на морето, во големата вода гледаат слобода и бегство од секојдневната монотонија.

Океан

Потребно е: 2 чашки вотка, 1 чашка ликер од киви, парче ананас, мраз.

Подготовка: измешајте ги сите состојки, украсете со кругче од ананас и послужете разладено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот