Отчетот на Димовски наместо на затворена седница, одеше во живо на Јутјуб – се испитува како се случил пропустот
Иако на барање на директорот на АНБ Виктор Димовски, денешниот негов отчет во собраниската комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност, свикана за евентуалните пропусти при давањето на македонско државјанство на Украинецот Александар Онишченко, требаше да биде зад затворени врати, сигналот од седницата сепак се појави во етер.
Од говорницата, пратеникот Павле Трајанов праша зошто затворената седница, на која Димовски презентираше доверливи документи, била емитувана во живо на Јутјуб на Собранискиот канал. Токму поради тоа спикерот на парламентот Талат Џафери побара да се испита случајот, а дотогаш Комисијата за надзор на работата на АНБ и на АР да не продолжува со работа.
Симптоматично е што салата во која Димовски даваше отчет важи за таква што нема технички услови за пренос на состаноците, пишува „Независен“.
По излегувањето од салата, Димовски коментираше дека ако имало пренос во живо, тоа не е во негова надлежност, бидејќи тој е само гостин во Собранието и организацијата е во надлежност на самите собраниски служби.