Најважни пет прегледи за секоја жена

фото:pexels

Современиот начин на живот од жените наметна да бидат грижливи мајки, добри сопруги, успешни на работното место, но да не ги заборават и домашните обврски. Со еден збор, денешното темпо на живот создаде „супержени“. Сепак, во таа трка по успех и грижа за семејството речиси многу малку наоѓаат време да се посветат на себе и на своето здравје.

Докторите советуваат кои прегледи се задолжителни за рано откривање на малигните болести кај женската популација , бидејќи редовните превентивни прегледи може да ви го спасат животот.

Карцином на дојка

Колку порано се открие карциномот на дојки, толку се поголеми шансите за негово излекување. Секоја жена или девојка на возраст над 25 години мора да прави редовни ехо прегледи, а над 36-40 годишна возраст еднаш годишно мамографски прегледи на дојка. Мамограмите се ниски дози на х-зраци, кои можат да детектираат мали димензии на тумори, кои не можат да се напипаат и немаат никакви симптоми. Но она што е најважно е што овие тумори во голем процент може да се излекуваат.

Карцином на грло на матка

ПАП-тестот е едноставен начин да го превенирате карциномот на грлото на матка. Овој карцином е единствен за кој е познат причинителот, а тоа е ХПВ-вирусот. За време на ПАП-тестот се зема примерок од грлото на матката кое понатаму се носи на лабораториска анализа. Доколку се утврди присуство на ХПВ, се прави типизација за да се утврди за кој тип вирус се работи. Во зависност од резултатот вашиот гинеколог ќе ви ги даде понатамошните насоки со  цел да се превенира карциномот на грлото на матката.

Меланом

Меланомот е најопасниот тип карцином на кожата кој на почетокот нема никакви симптоми. Ризикот од овој карцином се зголемува како резултат на предолгото изложување на сонце и ултравиолетови зраци. Секоја жена мора да прави редовна проверка на бенките и да следи дали има промени во бојата, големината или формата. Исто така, се препорачуваат и редовни дерматолошки прегледи со чија помош на време ќе го откриете и ќе го спречите развојот на меланомот.

Карцином на дебело црево

Коло-ректалниот карцином сѐ повеќе зема замав. Она што е загрижувачки е што се намалува и старосната граница, сѐ повеќе млади луѓе заболуваат од оваа подмолна болест. Најчесто настанува од полипи, кои се развиваат во канцер. Колоноскопија е скрининг тест за карцином на дебелото црево. Се изведува со анестезија, така што пациентот не чувствува никакви непријатности или болка. Се препорачува за сите жени на возраст над 50 години.  Но доколку сте ризична група, односно во семејството имате заболен од оваа болест, тогаш со скрининг мора да почнете многу порано. Исто така, колоноскопија мора да се направи веднаш доколку ги имате следниве симптоми: појава на крв во столица, нередовно празнење, чувство на недоиспразнетост.

Карцином на бели дробови

Карциномот на белите дробови е најчестиот карцином и причина за смртност кај населението. Една од главните причини е пушењето и загадувањето. Болеста започнува тивко, без предупредувачки симптоми. Како што стадиумот на болеста напредува, се појавуваат и симптомите – долги и хронични кашлици, болка во градите, особено за време на вдишување, искашлување крв и замор. Навременото откривање е поврзано со поголема стапка на преживување. Се дијагностицира со помош на рендген на бели дробови или компјутерска томографија. Лекувањето е со хируршка интервенција, радиотерапија, хемотерапија или хеморадиотерапија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот