Најсиромашните пензионери плаќаат поскапа болничка партиципација
Се бара зголемување на номиналниот лимит за бесплатно болничко лекување на пензионерите на 25.000 денари, бидејќи е пробиена најниската граница од 18.000 денари за бесплатно болничко лекување
Можно е зголемување на лимитот за ослободување на пензионерите од плаќање на трошоците за болничко лекување во 2026 година. Ова се наѕира од одговорот на Министерството за здравство кој деновиве пристигна на адресата на Сојузот на пензионерските здруженија на Македонија, по нивното инсистирање да се реши овој проблем. На почетокот на 2025 година, СЗПМ побара зголемување на лимитот на пензијата од 18.000 денари на 25.000 денари, бидејќи со претходните зголемувања на пензиите од вкупно 5.000 денари, но и со последното линеарно покачување од 1.000 денари веќе нема корисник на пензија што користи болничка партиципација. Барањето, според Станка Трајкова од СЗПМ, е многу важно бидејќи со зголемувањето на пензиите за 5.000 денари, најниската пензија е веќе над 18.000 денари, а пензионерите ги изгубија правата што досега ги користеа.
Препорачано
– Министерството за здравство ја следи состојбата во врска со движењето на пензиите и во новата календарска година ќе ги земе предвид сите околности и со целосна анализа на фискалните импликации ќе ѝ предложи на Владата соодветен лимит за ослободување на пензионерите од плаќање партиципација за болничко лекување – стои во одговорот од Министерството за здравство.
Неодамна и Партијата на пензионери побара Владата итно да го зголеми номиналниот лимит за бесплатно болничко лекување на пензионерите со ниски пензии од 18.000 на 25.000 денари, бидејќи е пробиена најниската граница од 18.000 денари за бесплатно болничко лекување на најсиромашните пензионери.
– Имено од март 2025 година со зголемување на пензиите за 2.500 денари, минималната пензија го достигна прагот од 18.292 денари, додека лимитот за бесплатно болничко лекување сè уште е 18.000 денари. Со самиот тој факт, подолг период ниту еден пензионер во државата не е ослободен од партиципација за болничко лекување што најмногу ги погодува пензионерите со најниските пензии и нивните семејства. Мора да се нагласи дека овој проблем е уште посложен, бидејќи во исто време ние имаме и највисоки цени на лековите во регионот – констатираа од Партијата на пензионери.


