Плакат за изложбата „Оган“ во КИЦ-Скопје

Најновиот циклус на сликарката Бојана Артиновска е посветен на еден од најмоќните природни елементи

Во Културно-информативниот центар – Скопје, во изложбениот салон „Империјал 2“, на 18 ноември, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на слики од ликовниот уметник Бојана Артиновска со наслов „Оган“.

Изложбата „Оган“ е најновиот циклус на Бојана Артиновска и е посветен на еден од најмоќните природни елементи – огинот како движење, страст и внатрешна сила.

– Процесот на создавање беше длабоко личен: свесно поврзување со елементот, со топлината во телото и со соларниот плексус како центар каде се раѓа волјата, самодовербата и личната моќ. Создавањето ме научи дека огинoт не е сила што ја освојуваме, туку енергија што се разбудува во нас.

Овие дела се сведоштво за тој процес. Боите не се употребени за опис, туку за вибрација – портокалови, црвени, жолти и црни слоеви се преплетуваат во различни интензитети низ непредвидливи слоевити текстури. Атмосферата се движи од меко, жарно чувство до поинтензивни огнени слоеви, во кои движењето природно се менува и се обновува. Се обидував да работам без наметнување, дозволувајќи ѝ на сликата сама да ја открие својата форма.

Отворањето на изложбата ќе биде живо и возбудливо. Ќе биде активирана атмосфера која го следи ритамот на самиот елемент. Посебен дел од програмата останува ненајавен – мал огнен момент што ќе го почувствуваат само оние што ќе присуствуваат – објаснува авторката.

Таа ја најави и соработката со двајца извонредни гости. Емил Петро е визуелен уметник, дизајнер и истражувач кој работи со светлина, дигитална анимација и современи сценски визуелизации. Неговите светлосни интервенции се препознатливи по тоа што го менуваат просторот и создаваат ново слоевито доживување. За изложбата „Оган“ Емил ќе изведе светлосни проекции и движења врз делата, со што ќе внесе дополнителна динамика и енергетски импулс што природно се надоврзува на боите и текстурите.

Игор Темел е основач на „Amon-dur Music Studio“ од Битола, чија музичка чувствителност и продукциско искуство ќе изградат звучна димензија што природно го следи визуелниот јазик на изложбата. Неговата музика ќе пулсира заедно со делата и со проекциите, создавајќи единствена атмосфера каде бојата, звукот и светлината дишат заедно.

– „Оган“ е покана за будење и враќање кон животната енергија што ја носиме во себе – енергија што не уништува, туку буди, прочистува и создава. Покана за храброст да го согориме старото и да се отвориме кон новото. Те повикува да го почувствуваш пламенот во живо, во моментот кога уметноста станува енергија, а енергијата – искуство – додава Бојана Артиновска.

Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Како слободен уметник од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена.

Таа е член на трите национални здруженија на ликовни уметници – ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ – и има долгогодишно искуство во сликарството, сценографијата, дизајнот и театарската визуелизација. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и со повеќе театарски работилници на проекти поврзани со сценографија, костимографија и шминка.

Артиновска има реализирано бројни групни настапи и девет самостојни изложби, меѓу кои „Во мене“ (2008), „Гозба“ (2011), „Трепет“ (2020), „Позадини“ (2021), „Земја“ (2022), „Вода“ (2023/2024) и „Парчиња живот“ (2024). Добитничка е на наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија (2010) и на наградата „4-ти Ноември“ на ДЛУБ (2022).

Во својата работа користи техники на боја, текстура и експериментални слоеви, а паралелно е активна и како инструктор по јога. Изложбата „Оган“ во КИЦ-Скопје ќе биде отворена до 3 декември 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот