Наградата „Ристо Шишков“ за Звездана Ангеловска

Плакатот за монодрамата „Само глас“ на изложбата „Монодрамите и и дуодрамите на МНТ“ / Фото: МИА

Актерката Звездана Ангеловска ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 29. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Таа е наградена за улогата на Таа во претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје.

Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателката, ланската лауретка, Александра Пешевска, во кое покрај неа играта на актерите ја оценува и Благој Чоревски и Петар Мирчевски.

– Звездана Ангеловска ни овозможи поглед во внатрешниот свет на нејзиниот лик, изнесувајќи ги своите лични ставови, а преку нејзиното ламентирање се реконструира и пошироката слика на општество од социјален, идеолошки и религиозен аспект. Звездана Ангеловска својот лик го надградува со користење и на музички средства, во секој миг беше посветена и уверлива во својата креација на ликот, актерски моќна и стамена. Трансоформациите на ликот го покажуваат актерскиот дијапазон на Ангеловска, дијапазон со океанска длабочина и небесна широчина! Таа манифестираше модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален општествен миг, рече Пешевска.

Ангеловска не присуствуваше на доделувањето на наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1500 евра. Според директорот на Фестивалот, Ванчо Ристов Патриков, наградата ќе ѝ биде врачена дополнително.

Инаку, Звездана Ангеловска по вторпат ја добива наградата „Ристо Шишков“. Првпат ја доби во 2003 година и досега е единствена која двапати се закитува со ова признание.

Извор: МИА

„Само глас“ гостува на 29. фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот