Награда „Златен објектив“ за Димитар Грабевски и Елена Дончева
Филмските работници, монтажерот Димитар Грабевски и костимографот Елена Дончева се добитници на наградата „Златен објектив“ за 2019 година која Кинотека на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Наградата ќе им биде врачена на 16. мај во 12 часот во киносалата на Кинотеката.
„Златен објектив“ се доделува по повод роденденот на Кинотеката како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.
Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков и историчарката и критичарката на филмот Илинденка Петрушева.