Бесар Дурмиши - Министер за eкономија и труд / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Над 40 милиони евра за 10.000 граѓани се предвидени со Оперативниот план за вработување

Повеќе од 40 милиони евра се обезбедени преку Оперативниот план за вработување за 2026 година за поддршка на вработувањето, претприемништвото и развојот на човечкиот капитал. Со планот се очекува да бидат опфатени над 10.000 граѓани. Посебен фокус е ставен на младите. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека целта на планот е подобрување на животниот стандард и зголемување на вработеноста, со посебен фокус на младите, лицата со попреченост, жените и другите ранливи категории.

-Со овој план инвестираме директно во луѓето. Обезбедуваме конкретна поддршка за младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис, за компаниите кои отвораат нови работни места, за лицата кои имаат потреба од нови вештини и квалификации, како и за ранливите категории граѓани. Нашата цел е економскиот раст да се преточи во нови можности за работа и подобар животен стандард – вели Дурмиши.

Годинава целта на Оперативниот план е развојот на претприемништвото и самовработувањето. За оваа намена предвидена е поддршка за над 2.000 лица преку мерките за самовработување, вклучително и за млади лица до 29 години, лица над 29 години и здружување на корисници во трговски друштва. Преку овие мерки се обезбедуваат грантови до 615.000 денари за основање сопствен бизнис, како и поддршка до 1.230.000 денари за здружување на повеќе корисници во заеднички бизнис.

Годинава се воведуваат и нови мерки, меѓу кои програмата за обука и работно ангажирање на пожарникари, пилот-мерката за валидација на стручни квалификации на невработени лица, како и пилот-мерката за стручни квалификации во областа на транспортот и тешките товарни возила, согласно потребите на пазарот на трудот.

Според директорот на Агенцијата за вработување, Аднан Ејуп,  Оперативниот план е конкретен чекор кон подобрување на можностите за работа и градење поинклузивен пазар на трудот.

– Овој документ содржи мерки и активности за подобрување на работливоста особено кај младите. Мерките се прилагодени на потребите на нашето општество и економијата и тие се резултат на долгогодишните анализи и консултации на сите засегнати страни, рече директорот Ејуп.

Носител на Оперативниот план е Министерството за економија и труд, а неговата имплементација ќе ја спроведува Агенцијата за вработување во соработка со надлежните институции и партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот