Над 2.000 студенти без пари за студентски оброк — некои факултети не ги испратиле навреме списоците до Министерството за образование
Над 2.000 студенти на почетокот на академската година не ги добиле навреме парите за субвенциониран студентски оброк.
Препорачано
Според информации од платформата за заштита на студентите „Студентарија“ и Министерството за образование и наука (МОН), причината е што дел од факултетите не ги доставиле навреме списоците на запишани студенти до Министерството, па на многумина им било привремено укинато правото на оброк.
„Секој месец кога студентите аплицираат за оброк, Министерството врши ажурирање на податоците. Ако некој студент се отпише или изгуби статус, му се укинува правото,“ објаснува Гоше Николов од „Студентарија“.
Според него, проблемот со недоставени или задоцнети списоци се повторува секоја академска година.
„Некои факултети, меѓу кои ФЕИТ, Универзитетот ‘Мајка Тереза’ и Педагошкиот факултет, не ги испратиле навреме листите на студенти на почетокот на академската година. Како резултат на тоа, Министерството им го укинало правото на оброк на студентите запишани таму. Истото се случува речиси секоја година бидејќи нема доволна координација меѓу факултетите и Министерството,“ додава Николов.
Од Министерството за образование и наука велат дека исплатата на субвенциониран студентски оброк се врши согласно доставените списоци од високообразовните установи и дека МОН не може да изврши исплата без потврдени и ажурирани податоци. Оттаму нагласуваат дека „во најголем дел од случаите, доцнењето се должи на технички причини од страна на факултетите“ и дека исплатите за студентите што останале без оброк се реализирани откако факултетите ги доставиле исправените списоци.
До моментот на објавувањето на оваа статија, факултетите на кои им испративме прашања не одговорија за „Слободен печат“ на барањата за објаснување на причините за доцнењето.


