Нацистички симболи се појавија на спортска сала во Хрватска
Нацистички симболи беа забележани денеска во спортската сала „Динко Лукариќ“ во Риека, Хрватска, поради што реагираше полицијата, а градските служби почнаа да ги отстрануваат, објави порталот Фиуман.хр.
Препорачано
На надворешната страна од зградата, како и во самата сала, имаше видливи графити од нацистички симболи – нацистичкото знаме со свастика и симболот на нацистичката формација „СС“.
Станува збор за јавен спортски објект што секојдневно го користат спортисти, деца и млади, како и бројни граѓани како дел од рекреативни и јавни програми.
Нацистичките симболи насликани на салата, освен однадвор, може да се видат и од салата каде што децата денеска тренираа.
„Известуваме дека утрово полицијата примила извештај за графити со несоодветна содржина на спортски објект во Риека и дека постапува во согласност со своите овластувања“, соопшти полицијата во Риека.
Градот Риека го осуди инцидентот и извести дека контроверзните симболи биле отстранети по полициска истрага.
Истакнувањето нацистички симболи во Хрватска е забрането со закон и може да претставува кривично дело или прекршок, во зависност од околностите.


