Концертот ќе се одржи во објектот на Филхармонија на 24 јануари, со почеток од 20 часот

Националниот џез-оркестар ќе ја почне годината со џез-лекција посветена на легендарниот Квинси Џонс

Новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар ќе почне со настанот „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones“. Концертот, што ќе се одржи во објектот на Филхармонија на 24 јануари, со почеток од 20 часот, го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани, негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп-период, кога Квинси доминира како аранжер и продуцент.

Во поп-селекцијата на концертот како солисти ќе настапат Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.

За плакатот што го најавува концертот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела кои ќе бидат употребени за плакатите на Националниот џез-оркестар во текот на оваа година.

Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од би-бап до хип-хоп. Добитник е на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освои 28 награди.

Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987). Во 1985 година, Џонс ја продуцира и диригира хуманитарната песна „We Are the World“, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија. Има компонирано музика за бројни филмови, вклучувајќи ги „The Pawnbroker“ (1965), „In the Heat of the Night“ (1967), „Wiz“ (1978) и „The Color Purple“ (1985).

Сепак, Квинси Џонс станува популарен како џез-аранжер и диригент уште претходно, давајќи значаен придонес во светот на биг-бенд џезот, особено во доцните 1950-ти и раните 1960-ти години. „The Birth of a Band!“ (1959), „The Great Wide World of Quincy Jones“ (1959), „Big Band Bossa Nova“ (1962), „The Quintessence“ (1962), „Quincy Jones Plays Hip Hits“ (1963), „Walking in Space“ (1969), „Gula Matari“ (1970), „Smackwater Jack“ (1971) се албуми кои ја истакнуваат способноста на Квинси Џонс да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Неговата работа во овој жанр помага да се одржи биг-бенд џезот како релевантен и возбудлив во време кога други музички стилови се здобиваат со популарност.

Квинси како џез-аранжер, композитор и диригент соработува со низа истакнати биг-бендови – неговиот сопствен биг-бенд основан во доцните 50-ти години на минатиот век, биг-бендот на Лајонел Хемптон, Каунт Бејси, Дизи Гилеспи. Овој сестран музички магнат почина на крајот на минатата година (на 3 ноември 2024 година), но неговото наследство веќе се пренесува на новите генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот