Нацева: Сметам дека ќе бидеме добри домаќини на Европското првенство 2022

Македонската женска сениорска ракометна репрезентација/СЦ „Борис Трајковски, Скопје/фото: РФМ

Да се заблагодарам за исклучителната можност и довербата што ми ја дадовте да бидам амбасадор на Европското првенство – вели Гордана Нацева.

Ракометната федерација на Македонија денеска одржа прес-конференција по повод Европското првенство во женска сениорска конкуренција кое ќе се одржи од 4 до 20 ноември 2022 година во три земји: Словенија, Македонија и Црна Гора.

Нашите најдобри ракометарки на овој континентален собир се во групата „Ц“, во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ги играат натпреварите редоследно против Франција (5 ноември), Холандија (7 ноември) и Романија (9 ноември).

Поранешната македонска репрезентативка Гордана Нацева беше промовирана во амбасадор на ЕП 2022. Воедно е најавен и пријателскиот натпревар со селекцијата на Норвешка во сабота (1 октомври) со почеток од 16.00 часот каде влезот ќе биде слободен.

На оваа прес-конференција покрај медиумите присуствуваа уште претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, селекторот на македонската женска сениорска репрезентација, Љубомир Савевски и десното репрезентативно крило, Сара Ристовска.

– Да се заблагодарам за исклучителната можност и довербата што ми ја дадовте да бидам амбасадор на Европското првенство. Ми претставува особена чест, задоволство и одговорност да бидам дел од организацијата. На некој начин и ударна личност од ракометарки и од спортот и ќе се обиде со својот личен придонес да остави белег и да го промовираме колку што е можно подобро првенството. Чувствувам голем предизвик, ако не и ист кога бев дел од репрезентацијата, практично од нашето осамостојување, како капитен. Секогаш сум сакала доистонствено да си ја претставам својата држава, да бидеме пример за младите генерации, идоли за нашите млади девојки, да наоѓаат во нас примери каде што би се угледале и би си го планирале спортскиот живот, како и понатами во животот – вели Нацева.

Според поранешната голманка спортот е резултат, борба по резултат, но и спортот е претставување на својата држава, култура, гостопримство.

– Исто така мојата инспирација, мојата заложба ќе биде да допреме до секое девојче кое сака да се занимава со спорт. Сметам дека е потребно да ја подигнеме свесноста за вклучување на млади девојчиња во спортот, не зависно во кој, јас би сакала да влезат во ракометот. Само девојки со самодоверба, жени вклучени во спортот што знаат што значи напорна работа ќе бидат и од полза на општеството. Да се потрудиме сите заеднички да го искористиме овој момент за промовирање на таа идеја. Сметам дека ќе бидеме добри домаќини на ЕП, дека ќе го задржиме приматот на најдобар национален спорт. Мојата генерација, колку и да бевме успешни, на клупско и репрезентативно поле, немавме можност да играме Европско на домашен терен. По 15 години ова е втора генерација која има шанса на домашен терен да ја слушнат нашата химна, да бидат на едно вакво големо натпреварување пред својот народ – рече Нацева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот