На втората ноќна женска трка во Битола учествуваше и 77 годишна битолчанка

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Светски познатиот хит „Незапирлива“ од австралиската кантавторка Сиа ечеше синоќа пред Офицерскиот дом во Битола на втората по ред ноќна женска трка „Биди своја“. Оваа спортска манифестација ги поттикна голем број на професионалки и рекреативни масовно да земат учество во трката.

Според организаторите, за петкилометарската атлетска трка имаше неверојатен одзив кај сите жени, мајки, баби, девојчиња коишто веруваат во себе.

-Ако лани на трката учествуваа 250 учеснички, годинава трчаа над 350 битолчанки. Вози го животот како трка со препреки и не застанувај. Силата и упорноста на жената не познава граници. Не се мери со бројката на годините, туку со моќта на волјата и младешкиот дух кој го носиш во себе. На трката, најмладата учесничка имаше 12 години, додека пак највозрасната беше на 77 годишна возраст. Целта на овој спортски настан е да ги мотивираме и да ги поттикнеме жените дека секоја од нив може да си постави своја цел и тоа да им стане реалност. Јас тргнувам од мојот живот, кога почнав да учествувам на трките низ Македонија, а претходно живеев во комфор зона, со самото учество на трките и минутажите, моите се се подобри и подобри. Со мојата борбеност на трките сфатив дека тоа може да биде така и во приватноста. Не само да живееме исто, туку дека треба да се менуваме. Да си дадеме мотив плус, бидејќи како жени и мајки обврските ни се големи, но, мора да си наоѓаме и време за себе-вели Маја Атанасовска организатор на ноќната женска трка „Биди своја“ што по вторпат се одржа во Битола.

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Таа на жените им препорачува здрав начин на живот, ако се земе предвид колку во денешно време се живее брзо и стресно, сепак тие мора макар еден час во текот на денот да се занимаваат со фитнес,трчање или јога.

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Највозрасната учесничка на женската трка, 77 годишната Доста Лазаревска од Битола чија животна преокупација и е пчеларството вели дека е постојано физички активна и дека годините се само број, а од голема важност за една жена е како таа се чувствува.

-Важно е жените да се храбри, да вежбаат, да се занимаваат со спорт, и да не му се предаваат на годините. И догодина доколку ме служи здравјето ќе трчам на женската трка во Битола. Јас буквално во денот не застанувам со физичка активност. Тоа ми го полни денот со позитивна енергија да се чувствувам витално-рече на ноќната женска трка „Биди своја“ 77 годишната Доста Лазаревска.

Инаку, женската атлетска трка „Биди своја“ по улиците низ Битола беше во организација на спортското здружение „Бори се за целта“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот