Бадник

На Василица ќе „нема лепче за Филипче“

Филипче повтори дека нема да присуствува на средбата на 14 јануари и образложи зошто техничката влада не смее да се укине, а другите парламентарни партии чекаат официјална покана и веќе ги истакнуваат своите барања на маса

Премиерот Христијан Мицкоски не се поколеба по одбивањето од претседателот на СДСМ Венко Филипче на Василица да ги собере лидерите на парламентарните партии на состанок со агенда за укинување на техничката влада, за избор на народен правобранител и за реформските закони. Лидерите на партиите што во Собранието имаат пратенички групи, сè уште чекаат формална покана од Мицкоски за најавениот состанок во Клубот на пратениците, а од Владата потврдуваат дека поканите викендов сигурно ќе ги испратат. Според информациите на „Слободен печат“, од лидерската средба в среда ќе зависи и дали ќе има одделна средба помеѓу Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, која како можност висок функционер од Владата ја најави пред Нова година со цел власта да обезбеди Бадентерово мнозинство за усвојување на дел од реформските закони и за да го одблокира изборот на народниот правобранител.
Според информациите, премиерот е отворен на состанокот да ги слушне и да разговара за предлозите што лидерите на партиите сметаат дека треба да се дел од агендата. Левица побара на лидерската да се разговара за изборен модел со една изборна единица. Неофицијално, Ахмети можно е на маса да ги стави барањата на ДУИ за избор на „Влада со Бадентер“ и одлучување на Уставниот суд со Бадентерово мнозинство за законите што се изгласани со двојно мнозинство.

Филипче на брифинг со новинарите повтори дека нема да присуствува на лидерската и образложи зошто техничката влада не смее да се укине.

– Техничката влада мора да остане затоа што таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес. Јасно е дека Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување избори. Нему не му треба дијалог туку покритие – смета Филипче.

Лидерот на СДСМ вели дека сепак ќе учествува на избори дури и ако власта ја укине техничката влада.

– Да, апсолутно, ќе учествуваме на секакви избори и ќе се бориме со сите демократски средства против оваа недемократска власт. Но, се поставува друго прашање што произлегува од ова – зошто би ја укинал сам техничката влада ако се знае дека таква одлука се носи со консензус – праша Филипче.

Според него, техничката влада може да се укине кога ќе бидеме зрело општество, а тоа во моментов не сме.

– Тие не ја сакаат техничката влада, зашто кога ќе влезе министерот од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем што е сега поставен. Со оглед на тоа дека ние и нашиот антикорупциски тим веќе почнавме со објавување на аферите… може само да претпоставите што сè се крие по институциите. И затоа не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија – рече лидерот на СДСМ.

Филипче повтори дека само „пржинската влада“ може да гарантира фер и демократски изборен циклус. Тој вели дека се спроведува легализација на масовен дигитален надзор на граѓаните преку „Безбеден град“. Според него, технички министер за внатрешни работи од редовите на опозицијата е единствената гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните и на опозицијата за време на изборната кампања.
Филипче оцени и дека лидерите што ќе одат на состанокот се поддржувачи на изолацијата на земјата и даваат легитимитет на криминалот и корупцијата на власта, како соработници на тендер-коалицијата.

– Време е да се знае кој е за Македонија, а кој за изолација и затоа за нас ЕУ нема алтернатива – рече Филипче.

Левица, пак, е за укинување на „пржинската влада“, но во пакет со воведување на една изборна единица.

– Укинување на „пржинската влада“ и на непотребните дополнителни заменици министри со право на вето. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензурата. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не со декларативни демократски реформи. За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи – велат од партијата.

Од Левица потсетуваат дека една изборна единица е и ветување на ВМРО-ДПМНЕ и ги повикува да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби.
Најавата за лидерска средба ја поздравија владините партнери ЗНАМ и Вреди.

 

Мицкоски: Ќе барам лидерска средба за укинување на техничката влада и за реформските закони

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот