На полноќ истекува договорот: САД и Русија без нуклеарни ограничувања по повеќе од половина век
Договорот за контрола на нуклеарното вооружување меѓу Русија и САД истекува за неколку часа, зголемувајќи го ризикот од нова трка во вооружување во која сè поголема улога ќе има и Кина. Доколку во последен момент не се постигне договор, двете најголеми нуклеарни сили во светот за првпат по повеќе од половина век ќе останат без никакви ограничувања за своите нуклеарни арсенали, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во Прага во 2010 година, истекува на полноќ по средноевропско време. Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин разговарал за ова прашање со кинескиот лидер Си Џинпинг, нагласувајќи дека Москва ќе постапува „внимателно и одговорно“.
Путин, според Ушаков, изјавил дека Русија останува отворена за преговори за обезбедување стратешка стабилност. Сепак, засега нема официјален одговор од Вашингтон на рускиот предлог за продолжување на клучните ограничувања од договорот.
Во меѓувреме, папата Лав XIV упати апел до Москва и Вашингтон да не дозволат истекување на договорот, предупредувајќи дека е неопходно да се надмине „логиката на страв и недоверба“ и да се работи во интерес на глобалното добро.
Експертите предупредуваат дека без договор, двете земји би можеле да распоредат стотици дополнителни нуклеарни боеви глави, што во екстремно сценарио би значело и двојно зголемување на нивните активни арсенали. Иако вкупниот број на нуклеарни боеви глави во светот е намален на околу 12.000, САД и Русија продолжуваат со модернизација на оружјето, додека Кина во изминатата деценија повеќе од двојно го зголеми својот нуклеарен арсенал.
Американскиот претседател Доналд Трамп изминатиот период испраќаше мешани сигнали за иднината на контролата на оружјето, изјавувајќи дека доколку договорот истече, САД ќе се обидат да постигнат „подобар договор“, во кој би била вклучена и Кина.


