НА ПЛАЖА И ВО ВОДА НА РАСТОЈАНИЕ ОД 2 МЕТРИ: Обезбедувањето ќе го контролира почитувањето на мерките, а хотелиерите ќе бараат помош од полицијата

Фото: Фејсбук

Веќе се наоѓаме на половината од летната сезона за оваа година, а коронавирусот целосно го промени и начинот нa кoj ќе уживаме покрај вода. Владата вчера го објави протоколот за плажи и базени, според кој држењето на 2 метри дистанца на плажа и во вода, но и задолжителното носење на маски, се двете клучни норми кои ќе мора да се почитуваат.

Директорот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсто Блажевски, во разговор за „Слободен печат“, вели дека протоколите можеби се донесени „малку подоцна и мерките се доста строги“, меѓутоа и самиот истакнува дека мора да се почитуваат во однос на сериозната состојба во која се наоѓаме со Ковид-19 .

– Вчера ги добивме протоколите, добро ги анализиравме и можам да кажам дека се во ред и ќе мора да се почитуваат, во однос на состојбата со активни случаи со Ковид-19 во државата. Мерките се малку построги, но мора да бидат направени така што ќе опфаќаат повеќе работи и ќе мора да се внимава, не само на плажите и базените туку и во сите објекти воопшто.Можеби малку се задоцни со протоколот за користење на плажите и базените во однос на тоа што веќе сме длабоко влезени во летната сезона, но ете, некогаш е подобро и да се добие нешто и подоцна отколку никогаш – вели Блажевски.

За задолжителното носење на маски Блажевски вели дека тоа ќе биде многу полесно да се контролира кај самите вработени во кафулињата на плажите отколку кај посетителите, па смета дека е потребно присуство на полициски службеници на терен.

– Во однос на вработените во кафулињата на плажите сметам дека нема да има никаков проблем и тие ќе носат маски, бидејќи постојано ќе има некој од хотелиерите кој ќе врши интерна контрола и сметам дека овде ќе се почитуваат сите правила. Потребна е надворешна контрола за гостите, бидејќи е малку тешко да се контролира кој од нив ќе носи маски, а кој не. Потребно е да има присуство на полициски службеници, односно да го олеснат тој процес на контрола, со тоа што ќе треба само да поминат по некоја од плажите, па кога гостите ќе ги здогледаат тие самите веднаш ќе се однесуваат поинаку. Ќе треба и самите полициски службеници да имаат право да им пишуваат казни на оние кои не носат маски – смета Блажевски.

Во протоколот кој вчера го објави Владата стои дека лежалките на плажите ќе мора да се на растојание од 1,5 до 2 метри, со тоа што ќе треба редовно да се дезинфицираат, пред и по нивно користење на секој од посетителите, а Блажевски вели дека тоа е сосема очекувана мерка.

Охрид, плажа Потпеш/ ФотоЧ MIA

Околу растојанието со лежалките беше очигледно дека ќе се донесе таква мерка, со тоа што оддалеченост помеѓу нив ќе има, а доколку некој е на лежалка може да се одмора слободно без да носи маска – додава Блажевски.

Во однос на користењето на гардеробер, Блажевски вели дека се препорачува тоа да не се прави ова лето, освен ако станува збор за нужна потреба.

Во врска, пак, со контролата за тоа дали се почитуваат мерките на поголемите плажи, Блажевски објсаснува дека овде таа работа ќе ја врши самото обезбедување.

– Поголемите плажи со поголеми капацитети секогаш имаат и обезбедување. Токму тоа обезбедување ќе треба да работи малку подетално во договор со самите закупци на плажите и нивната контрола ќе треба да биде пообемна. Знаеме дека на плажите најчесто се групираат помлади луѓе, под еден чадор се собираат по неколку лица, па поради тоа обезбедувањето ќе ја има таа задача да интервенира и да го спречи вакво групирање. Ќе имаме и плакати залепени на плажите на кои ќе бидат наведени мерките, кои потоа ќе бараме и да се почитуваат. Понатаму спроведувањето од наша страна оди дотаму да може некој од обезбедувањето слободно да реагира кога некој нема да ги почитува мерките, а во случај и понатаму да имаме проблем со гостите тогаш се повикува полиција и таа го решава случајот до крај – вели Блажевски.

Охрид, плажа Куба Либре / Фото: МИА

Претседателот на ХОТАМ за крај испрати и порака, односно апел до сите гости да ги почитуваат мерките за полесно спроведување на пропишаните протоколи и целосна заштита од коронавирусот.

– Сакам да испратам еден апел до посетителите да ги почитуваат овие мерки со цел на сите да ни биде полесна работата. Езерата ни се овде, па и оваа година ќе ги користиме колку што можеме – заклучи Блажевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот