Напладне запира камионскиот превоз на сите гранични премини

Поради најавата на транспортните превозници за блокада, денеска напладне во нашата држава ќе се затворат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

-Протестот во сите четири држави ќа почне во 12:00 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00:00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови, изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија, „Макам-транс“.

Муратовска укажува дека новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучуваќи ја и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување. Транспортната индустрија, пак, посочува Муратовска, во која има вложено огромен капитал и која обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот, ќе биде целосно разнишана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот