На Лукашенко му се случи исто како и на Чаушеску, работниците му го прекинаа говорот (ВИДЕО)

„Мојот одговор до вас: Имавме избори, и додека не ме убиете, нема да има нови избори“, одговори пркосно Лукашенко.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој е на власт 26 години и кого го нарекуваат последен европски диктатор, минува низ тежок период. По масовните протести во неделата во Минск на кој учестуваа најмалку 100 илјади луѓе – далеку повеќе од прорежимскиот собир одржан истиот ден – Лукашенско во понеделникот посети државна фабрика во предградие на Минск.

Но, тој таму не доби срдечен пречек на каков што се надеваше. Имено, снимките покажуваат дека насобраните работиници за време на говорот му скандираа „отстапи“, односно „замини“ и „лажго“.

Тоа се случи во фабриката за воени возила МЗКТ, една од низата државни фабрики од советски тип кои и натаму сочинуваат значителен дел од белоруската економија, речиси 30 години по распадот на Советскиот Сојуз и белоруското прогласување на независност. Посетата на Лукашенко на фабриката очигледно беше замислена како потврда дека и натаму ужива традиционална поддршка од работничката класа, пишува Гардијан.

И покрај довикувањата од публиката, Лукашенко го продолжи говорот бранејќи го легитимитето на изборите кои опозицијата и голем дел од јавноста ги смета за украдени, а кои и ЕУ ги опиша како „неправедни и неслободни“.

„Вие зборувате за нерегуларни изборите и сакате да се одржат регуларни“, рече белорускиот претседател пред насобраните, на што некои без пречка му одговорија: „Да!“

„Мојот одговор до вас: Имавме избори, и додека не ме убиете, нема да има нови избори“, одговори пркосно Лукашенко.

Сепак им понуди можна промена на уставот, иако таа постапка веројатно нема да ги задоволи демонстраните, кои велат дека тоа и претходно го ветувал.

„Ќе ги ставам промените на референдум и ќе ги предадам своите уставни овластувања. Не под притисок од улицата“, рече Лукашенко.

„Точно е, не сум светец. Позната ви е мојата груба страна. Јас не сум вечен. Но ако го повлечете долу првиот претседател, ќе ги повлечете и соседните земји и сите други“.

Лукашенко се осврна и на можноста на штрајк, во кој работниците од некои фабрики во земјата, но и на државната телевизија, веќе стапија во знак на поддршка на опозициската кандидатка Светлана Тихановскаја, која мораше да побегне од земјата поради закани од режимот.

„Ако некој не сака да работи и сака да си оди, никој нема да го запре, никој нема да врши притисок врз вас, така што од утре, односно од денес, вратата ви е отворена“, им рече Лукашенко на работниците.

Но изгледа дека белорускиот претседател, кој автократски владее со земјата веќе 26 години, говорот сепак го заврши пред планираното поради неочекуваните реакции од работниците.

„Се извинувам поради своите непопуларни зборови, но времињата се такви што морам да зборувам искрено. Ви благодарам, се кажава“, заклучи Лукашенко и едноставно ја напушти бината, додека работниците скандираа „замини“.

Реприза на говорот на Чаушески?

Оваа ситуација прилично потсетува на говорот на еден друг диктатор, говорот кој го означи почетокот на неговиот крај – Николае Чаушеску, романскиот комунистички диктаторт кој е симнат од власт при Романската револуција во 1989 година.

Само четири дена пред да биде симнат и Чаушеску присилно собра мнозинство во центарот на Букурешт и им одржа говор со кој сакаше да потврди дека и натаму ја контролира ситуацијата, после бунтот на унгарското малцинство во Темишвар.

Но само неколку минути откако романскиот диктатор почна да зборува, од преполниот Плоштад на револуцијата, почнаа да допираат свирежи и викање, а потоа и звуци од пиротехника, експлозив и огнено оружје. Видно шокираниот Чаушеску ја крена раката за да ја замолкне собраната толпа, но залудно. Државната телевиизја која го пренесуваше говорот во живо, го прекина емитувањето.

Кога сфати дека планираниот собир за поддршка на комунистичкиот режим се претвори во протест против него, Чаушеску го прекина говорот и побегна од балконот на зградата на Централниот комитет на Комунистичката партија, од каде му се обрати на народот.

Лукашенко: Не се грижете, нема да ве тепам, не ми е во интерес

Што се однесува до Лукашенско, посебно е бизарна една снимка, очигледно направена пред да излезе Лукашенко на бината и да го одржи говорот. После повиците „замини“ кои очигледно го дочекаа при доаѓањето, Лукашенко им пријде на работниците кои му скандираа и им одржа бесен и растроен монолог.

„Не се грижете, нема да ве тепам. Тоа не ми е во интрес. Ако ме провоцирате, тоа ќе го решам сурово. Бидете мажи, цела толпа сте, а јас сум само еден“, им рече Лукашенко на работниците, ако зад него стоеја неговите телохранители.

А кога сфати дека еден работник го снима со мобилен, бесно му викна: „Спушти го тој мобилен!“.
Тадеуш Гицан, белоруски докторант на Универзитетот за Славјански и Источноевропски студии на Твитер ја објави таа снимка, и напиша дека еден работник, кој се осмелил да се расправа со Лукашенко, Андреј Судам, е приведен после тоа.

Тихановскаја пак во понеделникот од Литванија ги повика безбедносните сила да ја променат страната, велејќи дека нивното досегашно однесување ќе им биде простено ако тоа го направат сега.

„Подготвена сум да ја преземам одговорноста и да дејствувам како национален водач за време на овој период“, рече Тихановскаја велејќи дека е нужно да се искористи залетот настанат со повеќедневните протести. Таа повика на создавање на правен механизам кој ќе овозможи праведни претседателски избори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот