На денешен ден се случи најголемата кражба во историјата на ЛШ, судијата Овребо го „ограби“ Челси (ВИДЕО)
Времето поминува но не бледеат сеќавањата од моментот кога фудбалерите на Челси побеснеа поради норвешкиот судија и негово делење на (не)правдата.
Иако беа многу млади во таа 2009 година, Лионел Меси и Кристијано Роналдо уште тогаш беа најдобрите фудбалери на светот, а фановите се надеваа дека конечно ќе бидат сведоци на првата меѓусебна пресметка и тоа во финалето на Лигата на шампионите на „Олимпико“ во Рим.
Препорачано
За да се случи тоа, требаше Манчестер јунајтед и Барселона да ги поминат последните препреки, поточно да бидат подобри во полуфиналето од своите ривали. Роналдо во полуфиналето го уништи Арсенал, но дуелот помеѓу Барселона и Челси го уништи норвешкиот судија Том Хенинг Овребо.
Првиот полуфинален натпревар на „Камп Ноу“ заврши без голови, а во реваншот на „Стемфорд бриџ“, Челси веќе во деветтата минута со едната нога беше во финалето по голот на Микаел Есиен.
Фудбалерите на Барселона по примениот гол, веднаш го презедоа поседот на топката, но далеку поопасни по голот беа играчите на Челси кои се закануваа преку контрите на Дидие Дрогба, Николас Анелка и Флоран Малуда. Но, ѕвезда на натпреварот беше Норвежанот Том Хенинг Овребо кој потполно се загуби на „Стемфорд бриџ“ кој носеше погрешни одлуки и тоа на сметка само на домашната екипа.

Играчите на Челси дури четири пати бараа Овребо да досуди пенал, два пати поради прекршоци, а два пати поради очигледно играње со рака на фудбалерите на Барселона во сопствениот шеснаесетник.
За нивна жал, Овребо ниту еднаш не свирна пенал иако според најголемите судиски авторитети во тоа време, дури три пати можеше да досуди пенал.
Првата спорна ситуација беше само неколку минути по голот на Есиен кога Ерик Абидал го влечеше за дресот Дрогба во казнениот простор на Барселона. Потоа во 82. минута норвешкиот судија не го виде играњето со рака на Жерар Пике.

Иако во 93. минута Андрес Иниеста го замолкна „Стемфорд бриџ“, играчите на Челси имаа уште една шанса да обезбедат пласман во финалето и повторно беа оштетени од Овребо.
Третиот чист пенал за Челси можеше да го досуди откако Самуел Ето играше со рака во сопствениот казнен простор, но свирчето на Овребо не се слушна.

На крајот натпреварот заврши 1:1 и Барселона си обезбеди пласман во финалето (каде со 2:0 го совлада Манчестер јунајтед), додека фудбалерите на Челси трчаа како луди по судијата Овребо барајќи објаснување за неговите скандалозни одлуки.
„Ова е е**на срамота“, рече Дрогба пред камерите.
Наредниот ден дури и шпанските медиуми го нападнаа судијата и сите имаа заедничка поента, дека тоа беше „грабеж“.
Каталонските медиуми исто така не стоеја на страна, тие се распишуваа дека Овребо ја завршил работата по налог на УЕФА која сметала дека Барселона е далеку поатрактивен финалист од Челси.
Овие работи не се докажани, но и денеска 11. години подоцна не бледнеат сеќавањата на скандалот кој го режираше судијата Том Хенинг Овребо.


