На денешен ден е роден Горан Стефановски, еден од најзначајните македонски драмски писатели и културни творци
На денешен ден во 1952 година е роден Горан Стефановски, еден од најзначајните македонски драмски писатели и културни творци.
Препорачано
Стефановски е роден во Битола каде неговите родители работеле во Народниот театар – Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството Горан го поминал во театрите. Негов помлад брат е Влатко Стефановски, познат виртуоз гитарист.
Горан Стефановски завршил Филолошки факултет во Скопје, на катедрата по англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.
Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.
Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.
Стефановски е автор на телевизиските драми „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ-сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“.
Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ.
Високо ценет есеист, јавен интелектуалец и предавач, Стефановски објавил трудови на голем број конференции и одржал работилници низ цела Европа. Неговото последно јавно предавање било на Меѓународната федерација за театарски истражувања на Светски конгрес во Белград во јули 2018 година како пленарен предавач.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година и член на Македонската академија на науките и уметностите.
Тој остави значајно книжевно богатство зад себе, а на неговите мисли и дела се навраќаме и ден-денес.
Во продолжение, прочитајте дел од најубавите цитати на големиот драматург.
„Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака… со првиот ветер како муви без глава… мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера! Не знаете да се чувате… живеете на вересија…. ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ („Диво месо“)
„Димитрија: ‘Ќе има војна.’
Марија: ‘Доста беше и ваков мир’.“ („Диво месо“)„Да ти каже тебе татко ти нешто. Не кажувај на светот што мака имаш. Не сака светот да знае. Си има светот свои маки. Ако кажуваш, кажи нешто убаво или ништо не кажувај. Што му е некому гајле што тебе ти е страв од темно.“ („Диво месо“)
„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ („Диво месо“)
„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ („Тетовирани души“)
„Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал.“ („Конзервирани импресии“)


