Ристо Шишков во филмот „Црно семе“ (1971) / Фото: Скриншот/Јутјуб

На денешен ден е роден Ристо Шишков, еден од најзначајните македонски театарски и филмски актери

На денешен ден, 23 март 1940 година, е роден Ристо Шишков, еден од најзначајните македонски театарски и филмски актери.

Роден во селото Мрсна, во Егејска Македонија, Шишков уште како дете ја доживува судбината на бегалците, по што неговото семејство се преселува во Струмица, каде што го продолжува образованието. Првите актерски чекори ги прави во 1957 година во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица, а подоцна дипломира на Театарската академија во Белград.

Од 1964 година станува дел од Драмата на Македонскиот народен театар во Скопје, каде остава длабока трага со бројни улоги. Во текот на кариерата одиграл над 50 театарски претстави, снимил 11 филмови, како и повеќе телевизиски драми и серии. Особено е запаметен по улогите во „Македонска крвава свадба“, „Републиката во пламен“ и „Најдолгиот пат“.

За својата работа добил бројни награди, меѓу кои и признанија на фестивалите во Ниш и Нови Сад. Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Тој остави длабока трага не само на сцената, туку и во културниот и интелектуалниот живот, инспирирајќи бројни поети, актери, уметници и режисери. Меѓу првите кои му оддадоа почит беше неговиот близок пријател, публицистот и поет Коле Мангов, кој му посвети песна веднаш по неговата смрт. Песната „Молчењето на Ристо Шишков“ за првпат беше објавена во весникот „Македонија“ во Торонто, во јули 1986 година, но тогаш останала речиси незабележана во домашните медиуми. Подоцна, во 2001 година, повторно беше објавена во неделникот „Старт“. Во неа, Мангов го опишува Шишков како човек кој во себе го носел молчењето на народот – тешко, длабоко и експлозивно, како вулкан што на крајот го однел во „вечно молчење“.

„За Ристо Шишков треба да се молчи.
И пак да се молчи.
Но, белината на хартијата чека запис.
И народот очекува запис за Ристо Шишков.“

Шишков почина на 17 јуни 1986 година во Скопје, оставајќи зад себе значајно уметничко наследство што и денес има силно влијание врз македонската култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот