Сцена од цртаниот филм „Снежана и седумте џуџиња“ / Фото: WALT DISNEY PRODUCTIONS - Album / Album / Profimedia

На денешен ден за првпат бил прикажан филмот „Снежана и седумте џуџиња“: Го исмевале, но го спасил Дизни од банкрот

На денешен ден во далечната 1938 година, премиерата на култниот цртан филм „Снежана и седумте џуџиња“ засекогаш ја сменила анимацијата, а успехот на филмот воедно и го спасил Волт Дизни од банкрот.

За да се направи овој прв долгометражен анимиран филм биле потребни три години и 1,5 милиони долари (денес тоа би било околу 36 милиони долари), шест пати повеќе од оригинално испланираниот буџет, пишува „Британика“.

Дополнително, биле потребни и 400 повеќе вработени од планираното, што било трикратно зголемување на „Волт Дизни продакшнс“.

Дизни ја ставил својата куќа под хипотека, го продал својот автомобил и позајмил од своето животно осигурување за да го заврши филмот кој, пак, бил исмеван од критичарите и бил нарекуван „глупоста на Дизни“. Тој обложил сè на долгометражен цртан филм во боја, нешто што дотогаш не било постигнато.

Иако тој веќе ги поместил границите на анимацијата со звук во 1928 година и анимација во боја во 1932 година, долгометражниот цртан филм бил сосема ново ниво на ризик.

Холивуд бил скептичен. Публиката ги обожувала кратките филмови на Мики Маус на Дизни, но тие биле само „предјадења“, кратки неколкуминутни цртани филмови. Никој не можел да знае дали познатите седумминутни делови успешно ќе може да се претворат во долгометражна приказна.

Дизни, сепак, докажал дека е возможно.

Филмот „Снежана“, семејно прераскажување на бајката од браќата Грим, го имал своето деби во театарот „Картај серкл“ (Carthay Circle) на 21 декември 1937 година, пред холивудска публика, меѓу која биле присутни и Ширли Темпл, Хеди Ламар, Кларк Гејбл, Чарли Чаплин и Марлен Дитрих. Уште 30.000 обожаватели се собрале надвор.

На крајот од филмот, Дизни добил стоечка овација од целата публика.

На 4 февруари следната година, филмот бил пуштен во кина низ цела Северна Америка, достапен за целата публика. Киносалите морале да додаваат повеќе проекции дневно за да ги примат толпите кои се собирале да го погледнат филмот.

По успехот во САД, следеле премиери во Сиднеј и Лондон, а наскоро „Снежана“ се прикажувала во повеќе од 40 земји низ целиот свет.

Филмот заработил 8 милиони долари (што би било околу 184 милиони долари денес) во првата година и станал еден од најуспешните филмови на сите времиња.

Дизни, исто така, го револуционизирал маркетингот со Снежана. Тоа бил првиот филм за кој се продавало „саундтрак“.

Се вели дека продажбата на играчки достигнала 2 милиони долари првата година, а покрај играчките биле достапни и околу 2.000 најразлични лиценцирани производи.

По неверојатниот успех, Волт веднаш започнал со продукција на уште три анимирани филмови.

Денес, „Снежана и седумте џуџиња“ сè уште е обожуван од најмалите, а Снежана има и ѕвезда на Холивудската патека на славните, која ја доби за 50-годишнината од премиерата на филмот.

Животната приказна на Волт Дизни: Бегал од ужасното детство во светот на фантазијата, па создаде успешна империја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот