Животната приказна на Волт Дизни: Бегал од ужасното детство во светот на фантазијата, па создаде успешна империја
Волтер Елијат Дизни е роден во Чикаго на 5 декември 1901 година, во типично американско семејство со скромни финансиски можности. Тој бил четврто дете на Флора и Елијас Дизни, а името го добил по татка си, но и по локалниот свештеник кој го крстил. Тој растел со тројца постари браќа – Херберт, Рејмонд и Рој – и со помладата сестра Рут, но најголемо влијание врз неговото детство имал таткото.
Препорачано
Неговиот татко Елијас бил обичен, неук земјоделец кој во 1906 година, кога Волт имал само пет години, купил фарма во малото место Марселин, во Мисури. Братот на таткото, Роберт, бил сопственик на неколку стотици хектари земја во близина и често финансиски му помагал на семејството. Само неколку месеци подоцна, двата најстари брата, Херберт и Рејмонд, заминале за Чикаго и никогаш повеќе не се вратиле дома, ниту пак останале дел од животот на Волт.
Малиот Волт целосно бил маѓепсан од фармата, особено од животните. Се претпоставува дека токму поради недостатокот на блискост и игра во семејството, тој ја прифатил нивната дружба. Таткото бил исклучително строг човек, кој ги казнувал децата со тепање, никогаш не им давал џепарлак и не им дозволувал да се играат. Брат му Рој бил многу постар и постојано зафатен со работа на фармата, мајката била изморена од домашните обврски и од тиранијата на сопругот, па немала време за Волт.
Затоа, типичните детски игри му биле непознати. Тој дури и не знаел како да си игра. Наместо тоа, ги антропоморфизирал животните, претворајќи ги во свои пријатели. Неговата најдобра другарка била свињата Поркер, која често ја јавал.
„Мислам дека ја сакав таа свиња, знаеше одлично да се забавува… Се сеќавате ли на веселата свиња од Трите прасиња? Ликот е создаден по неа“, раскажал подоцна.

Поради бескрајните обврски што секојдневно ги извршувал, Волт немал време за забава. Сепак, токму земјата и физичката работа го зајакнале и го принудиле да создаде свој имагинарен свет, благодарение на кој подоцна создал нешто креативно, продуктивно и корисно.
Во летото 1910 година, семејството се преселило во Канзас Сити. По бројните деловни неуспеси, таткото станал уште поокрутeн, а синовите презеле голем дел од неговите обврски, меѓу кои и разнесувањето весници. Рој и Волт секое утро ги буделе во 3.30 часот. За тоа никогаш не добивале плата или џепарлак. Во еден момент, без знаење на таткото, Волт почнал сам да нарачува весници за да заработи нешто.
Работел и во локална продавница за слатки по училиште, што исто така го криел. Таткото вовел секојдневни тепања како „воспитна мерка“, казнувајќи ги децата дури и за најмала ситница. Ги влечел во шупа и ги казнувал брутално. Дури и за тоа време, обележано со екстремен конзерватизам, таквото однесување било сурово.
Подоцна, Волт сфатил дека таткото живее во заблуда и дека она што тој го нарекувал дисциплина, всушност било злоставување. Таквото воспитување имало двоен ефект врз него: бил полн со љубов, но и со замерки, сакајќи истовремено да му угоди на татка си и да избега од него. Со текот на времето развил и длабока недоверба кон авторитетот.
Ова го прогонувало и подоцна во животот. Често сонувал кошмар во кој заборава да разнесе весници, а татко му го чека на крајот од патот за да го казни. Некои блиски соработници сметале дека Волт никогаш целосно не ја надминал строгоста на таткото, и дека тоа влијаело на неговите односи со луѓето. Неговата ќерка Дајен, пак, тврдеше дека татко ѝ го сакал дедо ѝ и често зборувал за него со нежност.
Уште во детството покажал интерес за цртање. Во Марселин, со оваа техника го запознал пензиониран доктор, семеен пријател, кој му плаќал да го наслика неговиот коњ Руперт. Првите цртежи ги продал на седумгодишна возраст. Тука се родила и неговата фасцинација со возовите – често стоел покрај шините и ги прислушкувал за да почувствува кога доаѓа возот.

Во 1917 година, семејството повторно се преселило во Чикаго. Волт посетувал средно училиште преку ден, а навечер предавања на „Chicago Art Institute“. Цртал стрипови за училишниот весник, најчесто со патриотска тематика поради Првата светска војна. На 16 години сакал да се приклучи на војската, но бил одбиен поради возраста, па се приклучил на Црвениот крст и бил испратен во Франција како возач на амбулантно возило.
По војната се вратил во Канзас Сити и почнал да работи како илустратор на реклами. Во 1920 година го добил првиот ангажиран анимиран проект и ги создал првите оригинални ликови. Со завршен филм и 40 долари во џебот, заминал за Холивуд кај братот Рој.
Заедно позајмиле пари, купиле камера и направиле студио во гаража. Работата почнала да се шири, пристигнувале понуди, а студиото се зголемувало. Меѓу вработените била и Лилијан Баундс, со која Волт се оженил на 13 септември 1925 година.
Таа му била рамнотежа – конзервативна, но весела. Заедно ги имаа ќерките Дајен и Шерон Мар, која беше посвоена. Волт успеал тајната за нејзиното потекло да ја зачува од јавноста, сакајќи двете ќерки да бидат третирани еднакво.
Волт Дизни почина на 15 декември 1966 година од компликации предизвикани од тумор на белите дробови. Кремиран е и погребан на гробиштата Форест Лон во јужна Калифорнија.
Неговите соништа, визија и дух живеат и денес – во империјата што ја создаде од имагинацијата на едно осамено дете.


