На денешен ден – 8 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1297.- Франческо Грималди, преоблечен во калуѓер продре во тврдината Монако која тогаш беше под владение на Џенова. Притоа во неа ги пушти своите војници и истата ја освои. Тој е основач на династијата Грималди која и денес е на власт во кнежеството Монако.

1324.- Умре италијанскиот истражувач Марко Поло, најпознат европски средновековен патник. Во 1271 година од Венеција на 17-годишна возраст тргна кон Далечниот Исток . Пропатува низ Месопотамија, Курдистан, Персија, Туран, Памир, Кинески Туркестан и Монголија и стигна во Пекинг во 1275 година. Како прв Европеец премина преку Памир, Туркестан и Монголија. Од 1275 до 1292 година ја пропатува речиси цела Кина, а на враќање од 1292 до 1295 година патуваше преку Индокина, денешна Индонезија, Сингапур и Индискиот Океан, Персија и Црно Море. Своите патувања ги опиша во „Книга за светските чуда“, објавена во 1298 година, подоцна наречена „Милион“.

1589.- Во Дубровник е роден Иван Гундулиќ, епски, лирски и драмски писател. Напиша многу мелодрами, пасторали и лирски песни од кои многу се загубени. Најпознати негови дела се „Осман“, „Дубравка“, „Аријана“ и други. Умре во Дубровник, на 8 декември 1638 година.

1642.- Во Фиренца умре Галилео Галилеј, италијански астроном, еден од најпознатите физичари и астрономи воопшто. Ги проучуваше проблемите на механиката, како што се: слободното паѓање, хоризонталниот истрел и други. Го конструира првиот термоскоп, го откри телескопот, распаѓањето на Млечниот пат, појавата на сончевите дамки и друго. Неговото залагање за системот на Коперник го доведе во судир со црквата и во 1616 година инквизицијата донесе решение со кое на Галилео Галилеј му се забранува да ја пропагира тезата дека, Сонцето се наоѓа во центарот на светот и дека Земјата се врти околу Сонцето. Роден е во Пиза, во 1564 година.

1679.- Храбриот француски истражувач Роберт Кавелје де ла Сал ги откри величенствените водопади на Нијагара во САД, кои спаѓаат меѓу најубавите природни убавини на светот. За три години го помина целиот тек на реката Мисисипи и од името на Луј Четиринаесетти долината ја прогласи за француски имот. Во бунт на членовите на неговата експедиција е убиен во 1687 година.

1713.- Умре Арканџело Корели, италијански композитор и виолинист, претставник на италијанската класична музика. Роден е на 15 февруари 1653 година.

1819.- Во Љубљана умре Валентин Водник, просветител, прв словенечки поет и новинар. Роден е во Згорња Сишка, кај Љубљана, на 3 февруари 1758 година.

1870.- Роден е шпанскиот генерал Мигел Примо де Ривера и Орбанех, кој беше профашистички воен шпански диктатор од септември 1923 до јануари 1930 година. Неговиот режим се обиде да ја обедини Шпанија со мотото „една земја, една вера, една монархија“, но бидејќи не успеа да создаде прифатлив политички систем, под притисок на војската од која ја загуби поддршката, поднесе оставка.

1896.- Умре францускиот писател Пол Верлен чија поезија е полна со лиризам и музикалност, а која значително влијаеше на француските симболисти. Дела: збирките “Романси без зборови“, „Галантни свечености“, „Елегија“, „Мудрост“.

1899.- Роден е цејлонскиот државник Соломон Бандаранаике, основач и водач на Партијата за слобода и претседател на владата на Целјон (сегашна Шри Ланка) од 1956 до 1959 година кога беше убиен во атентат. Се залагаше за укинување на странските воени бази, национализација на странскиот капитал и за вонблоковска надворешна политика. По победата на изборите, на функцијата престедател на владата го наследи неговата вдовица Сиримаво.

1923.- Француските и белгиските трупи навлегоа во Рурска област обидувајќи се од поразената Германија да изнудат отплата за воените штети во Првата светска војна. Бидејќи кон крајот на 1922 година Репарационата комисија констатира дека доцни испораката на јаглен на име отштета  за Франција и Белгија, францускиот претседател на влада Рејмон Поенкар објави дека војската ќе ја запоседне Рур со што ќе обезбеди ефикасна наплата на воената штета. Кризата договорно беше решена на средината на 1924 година, а во јули 1925 година Французите почнаа да ги авакуираат трупите од Рур.

1935.- Во Тупело, Мисисипи, е роден американскиот музичар Елвис Присли, „крал на рокен-ролот“. Беше исклучително популарен во педесетите и шеесетите години од 20. век. Продаде повеќе од 150 милиони плочи и играше во дваесетина филмови.  Умре во Мемфис, на 16 август 1977 година.

1942.- Роден е англискиот физичар Стивен Хокинг, еден од водечките светски научници на 20. век. Со оваа репутација се стекна со книгата за потеклото на универзумот „Кратка историја на времето“, објавена во 1988 година.

Фото: EPA/FACUNDO ARRIZABALAGA

1943.- Кај селото Сливник, Велешко, во борба против бугарската полиција загина (се самоуби) Трајко Бошкоски – Тарцан, илинденски првоборец, комесар на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Тој беше командант на прилепските партизани на 11 октомври 1941 година, кога во Прилеп почна востанието на македонскиот народ. Роден е во селото Радобил, на 14 август 1918 година.

1944.- Во Верона во Втората светска војна почна дводневен процес на шестмина членови на Големиот фашистички совет, вклучувајќи го и поранешниот шеф на дипломатијата Галеацо Чано, зет на Бенито Мусолини, кои пред крахот на фашистичка Италија во Втората светска војна му изгласаа недоверба на Мусолини. Нацистичката тајна служба во последен момент се обиде да го спачи Чано, но акцијата ја сопре Адолф Хитлер, а сите шестмина беа стрелани.

1951.- Во Софија умре Војдан Поп Георгиев – Чернодрински, македонски патриот, револуционер, писател, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Тој ги напиша првите страници на македонската драмска литература и ги удри темелите на македонското театарско дело. Сето тоа го стори во името на слободата на македонскиот народ. Делата на Чернодрински се непосредно инспирирани од македонското револуционерно минато. Негово најпознато дело е драмата “Македонска крвава свадба”, што ја напиша во 1900 година, а премиерата е одржана во Софија, на 20 ноември 1900 година. Чернодрински потекнува од свештеничко семејство. Учеше во егзархиското училиште “Свети Климент” во Охрид, а потоа образованието го продолжи во Солун. Во 1897 година беше учител во битолското село Могила, а потоа замина да студира во Грац и во Берн, во Швајцарија. Во 1900 година семејството на Чернодрински се пресели во Софија. Роден е во селото Селци, Дебарско, на 15 јануари 1875 година.

1959.- Генералот Шарл де Гол стана првиот претседател на Петтата Француска република.

1973.- Американскиот и северновиетнамскиот преговарач, Хенри Кисинџер и Ле Дук То, во Париз ги обновија преговорите за ставање крај на Виетнамската војна.

1976.- Умре кинескиот државник Џо Ен Лај, еден од најистакнатите водачи на Кинеската револуција. Беше претседател на влада од 1949 до смртта и шеф на дипломатијата од 1949 до 1958 година. На Револуционерната студенска организација „Разбудено општство“ од која во 1921 година настана Комунистичката партија на Кина и пристапи во 1919 година. Учествуваше и во „Вториот марш“ во 1934 и во 1935 година. Успеа да опстане во врвот на Комунистичката партија на Кина и покрај низата чистки, вклучувајќи ја и „Културната револуција“.

1991.- Банкротираше една од најголемите светски авиокомпании, американскиот „Пан Американ“.

1991.- Во Скопје е конституирано првото повеќепартиско Собрание на СР Македонија. За прв претседател беше избран Стојан Андов, пратеник на Сојузот на реформиските сили.

1996.- Умре францускиот државник Франсоа Митеран, кој како прв социјалист во 1981 година е избран за претседател на Франција. На функцијата претседател на Франција остана 14 години. Во Втората светска војна беше еден од водачите на Движењето на отпорот, а од 1971 година ја предводеше Социјалистичката партија.

1996.- Заирски товарен авион падна на пазар полн со луѓе во центарот на Киншаса, усмртувајќи најмалку 350 луѓе.

1998.- Акциите на берзата во Џакарта вртоглаво паднаа. Тоа беше почеток на големата стопанска и финансиска криза во Индонезија, која набрзо ги зафати и другите земји од тој регион.

1998.- Исламскиот терорист Ремзи Ахмед Јусеф е осуден на доживотна робја, плус 240 години затвор, како организатор за подметнување експлозив во 1993 година во Светскиот трговски центар во Њујорк, кога загинаа шест лица.

2004.- Британската кралица Елизабета Втора го крсти најголемиот патнички брод во светот „Квин Мери 2“. Неговата изградба чинеше 800 милиони долари. Бродот е долг 345 и висок 72 метри.

2007.- Умре Ивао Такамото, креатор на симпатичната дога Скубиду, како и на ликови од популарното семејство „Кременко“. Такамато е автор или коавтор на цртаните филмови „Пепелашка“, „Петар Пан“, „100 далматинец“, „Семејството Кременко“. Името на симпатичната дога Скубиду е инспирирано од импровизацијата со која Френк Синатра ја завршува својата прочуена песна „Странец во ноќта“. Во текот на 50-годишното продуценско работење Такамото создаде 260 филмови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот