На денешен ден – 20 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

– Светски ден на авиоконтролорите

1632.- Роден е англискиот архитект Кристофер Рен, основач на Кралското друштво во Лондон (Академија на науките) и прв претседател од 1680 до 1682 година. Проектираше голем број зданија по катастрофалниот пожар во Лондон во 1666 година, вклучувајќи 53 цркви, меѓу кои и монументалната катедрала „Свети Павле“.

1728.- Пожар уништи поголем дел од Копенхаген.

1784.- Роден е англискиот државник Хенри Џон Темпл, познат како лорд Палмерстон, двапати премиер помеѓу 1855 и 1865 година. Ја организираше „Опиумската војна“ против Кина и Кримската воја против Русија и беше иницијатор на задушување на антиколонијалното востание во Индија и Кина.

1827.- Во поморската битка кај Наварина во текот на грчката војна за ослободување, руските, британските и француските бродови ги уништија турската и египетската флота.

1854.- Роден е Артур Рембо, француски поет. Уште млад стана славен, а на 17 години ја напиша познатата поема „Пијаниот брод“. Во дваесеттата година престана да пишува минувајќи низ литературата како „метеор“, а оставајќи во наследство дело што ги навести симболизмот и надреализмот. Умре на 10 ноември 1891 година.

1875.- Во селото Горно Броди, Серско, Егејска Македонија, е роден Димо Хаџи Димов, најборбен и најсестран идеолог и теоретичар на автентичното македонско национално ослободително движење, близок соработник на Гоце Делчев, на Јане Сандански и на други истакнати македонски револуционери. Во Софија, по порачка на бугарскиот двор, сред бел ден, терористот Величко Георгиев (Владо Черноземски) го застрела на 13 септември 1924 година.

1884.- Роден е американскиот филмски глумец од унгарско потекло Бела Блашко, познат како Бела Лугоси, толкувач на голем број улоги на Дракула во филмовите на стравот, но се покажа и како врвен комичар. Филмови: „Тринаесетта столица“, „Дракула“, „Убиство во улицата Морж“, „Бакнеж на смртта“, „Остров на изгубените души“, „Црна мачка“, „Знакот на вампирите“, „Куќата на Дракула“, „Франкештајнов син“, „Горила“.

1887.- Светскиот научник Никола Тесла ги пријави своите први пронајдоци. Тоа беше почеток на револуцијата во електротехниката. Заштитата на своите патенти ја доби во следната 1888 година.

1890.- Умре англискиот истражувач, писател, преведувач и дипломат Ричард Бартон, прв Европјанин кој предводејќи ја експедицијата со Џон Хаминг Спик, во 1858 година го виде езерото Тангањика во Африка. Беше во воената служба во Индија и британски конзул во Бразил, Сирија и Италија.

1891.- Роден е англискиот физичар Џејмс Чедвик, добитник на Нобеловата награда за физика во 1935 година. Во 1932 година го откри неутронот. Во Втората светска војна како главен британски инструктор од 1943 до 1945 година работеше на “Менхетен проектот“ за развој на атомската бомба во Лоз Аламос, САД.

1915.- Во селото Игуменец (Гега), Пиринска Македонија, е роден Антон Попов, македонски револуцонер, публицист, писател, познат комунистички активист и учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Го стрелаа фашистичките џелати во Софија, на 23 јули 1942 година.

1918.- Германија ги прифати условите на сојузниците за капитулација во Првата светска војна.

1924.- Пуштена е во сообраќај железничката линија меѓу Велес и Штип.

1941.- Пред силната офанзива на германските армии, советската влада прогласи опсадна состојба во Москва и мина во Кујбишев. Тоа беше најкритичниот момент во текот на нападот на нацистичките трупи врз главниот советски град, но подоцна, по успешната контраофанзива на Црвената армија, дојде до пресврт.

1943.- Во селото Д`мбени, Костурско, е одржан основачкиот состанок за формирање на организацијата Славјано-македонски националослободителен фронт (СНОФ) во Костурско.

1993.- Српскиот претседател Слободан Милошевиќ го распушти Парламентот и најави парламентарни избори.

1993.- Во Сомбор умре Милан Коњовиќ, српски сликар, со светско реноме. Роден е во Сомбор, на 28 јануари 1896 година.

1994.- Амбасадорот на Република Македонија во Руската федерација, Гане Тодоровски, на свечената церемонија во Кремљ, му ги предаде акредитивите на претседателот Елцин. “Не се разочаравме што ве признавме под името Македонија”, изјави Елцин.

1945.- Египет, Сирија, Ирак и Либан ги предупредија САД дека со создавање на еврејска држава може да дојде до војна. Истиот ден арапските земји формираа организација за борба против ционизмот – Арапска лига.

1950.- Умре американскиот политичар Хенри Луис Стимсон, министер за труд на САД од 1911 до 1913 и од 1940 до 1945 година, идеен творец на најголемиот поединечен воен злочин во историјата на човештвото. На негова препорака претседателот на САД Хари Труман одлучи во август 1945 година да биде фрлена атомската бомба врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, иако Јапонија веќе беше поразена во Втората светска војна.

1971.- Вили Брант, канцелар на Западна Германија ја доби Нобеловата награда за мир.

1991.- Во земјотресот на индиската страна на Хималаите загинаа повеќе од 340 луѓе и беа разорени десетици илјади куќи.

1995.- Белгискиот политичар Вили Клас поднесе оставка на функцијата генерален секретар на НАТО поради вмешаност во корупциски афери.

1997.- Бројна владино-стопанска делегација на Руската делегација, предводена од вицепремиерот и министер за стопанство, Јаков Уринсон, престојува во Македонија, за да го поттикне заживувањето на стопанската соработка меѓу двете земји.

2003.- Почина Ѓоко Георгиев, водителот на првите контактни емисии на Македонското радио “Три гонга” и “Средби низ музика”. Тој ќе остане запаметен и како автор на 3.000 текстови за поп-музика, и соработник-новинар во „Нова Македонија“, „Вечер“, „Журнал“ и „Екран“. Роден е во 1926 година.

2003.- Во Белград почина српскиот актер и комичар Миодраг Петровиќ – Чкаља. Тој е познат по своите улоги во театарски претстави, во повеќе од 25 филмови и 32 хумористични телевизиски серии меѓу кои најпознати се “Музеј на восочните фигури”, “Сервисна станица”, “Сачулатац” и сериите “Камионџии”, “Жежок ветер” и “Подобар живот”. Роден е на 1 април 1924 година во Крушевац.

2002.- На повторениот референдум Ирците го прифатија договорот од Ница за проширување на Европската унија.

2011.- Убиен е соборениот либиски лидер Моамер Гадафи. Претходно поранешниот лидер беше заробен и ранет во двете нозе. Заедно со Гадафи биле заробени и неговиот син Мутасим, поранешниот шеф на силите за безбедност Мансур Дау, Абдула Сануси, шефот на либиското разузнавање, и портпаролот на Гадафи, Муса Ибрахим. За време на нападот врз Гадафи бил убиен и министерот за одбрана на поранешниот режим Абу Бакр Јунис.

2013.- Во Белград почина вдовицата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, Јованка. Таа е родена во 1924 година, а во 1952 година се омажила за Јосип Броз Тито со кого живееше до неговата смрт во 1980 година. Јованка Броз изминатите години живееше во скромни услови во белградската населба Дедиње. Вдовицата на Тито ретко се појавуваше во медиумите, а во последните месеци големо внимание привлече нејзината исповед.

2015.- Во 87 година од животот почина професор Драган Хаџиевски еден од основачите на сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Хаџиевски бил редовен професор на ПМФ, член на Меѓународната асоцијација за сеизмологија, Европската комисија за сеизмологија, Здружението на сеизмолози на Македонија, делегат во Заедницата за сеизмологија на СФРЈ, уредник на домашни и странски списанија од геофизика и физика. Речиси целиот работен век го минува во првата сеизмолошка институција во Република Македонија, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, основана уште во 1957 година. Тој е вториот управник на оваа институција, должност што ја обавува од 1961 година до пензионирањето во 1988 година. За својата научна и стручна работа има добиено „Орден на трудот со златен венец од претседателот на СФРЈ“ (1979 година), „Орден заслуги за народ со сребрени зраци од Претседателството на СФРЈ“ (1989 година), награда „13 Ноември“ на град Скопје (1966 година, за решението на механизмот на жариштето на скопскиот земјотрес од 26.07.1963 година), „Плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методија“ во Скопје” (1984 година), благодарница со плакета „Андрија Мохоровичиќ“ на Заедницата за сеизмологија на СФРЈ (1986 година).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот