На децата не им е место во штабови и на политички собири
Некои политичари не гледаат проблем во присуството на деца, тврдејќи дека „тие се иднината на државата“ и велат дека родителите сами ги носат децата на такви настани.
И покрај тоа што нема официјални пријави, фотографии од деца на митинзи и партиски собири стануваат сè почеста појава. „Слободен печат“ испрати прашања до Канцеларијата на Народниот правобранител, а оттаму велат дека досега не е пристигната ниту една официјална пријава за злоупотреба на деца во изборни цели, но и дека постојано апелираат до сите учесници да ги почитуваат правилата и да не ги вклучуваат децата во политички активности.
Препорачано
Сепак, фотографиите објавени на социјалните мрежи од страна на политичките кандидати откриваат поинаква реалност. Сè почесто, деца се појавуваат на митинзи, во партиски штабови или на фотографии со политичари, што ја отвора дилемата – дали децата се злоупотребуваат во политички цели?

Народниот правобранител уште на почетокот на кампањата упати јавен апел до сите учесници во изборниот процес, со повик за почитување на правата на децата и воздржување од нивно вклучување во политички активности.
„Вклучувањето на децата во политички активности, без оглед на намерата, претставува неприфатлива форма на инструментализација и повреда на нивното достоинство“, посочуваат од канцеларијата, потсетувајќи дека ваквите постапки се спротивни на Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата и Изборниот законик.
Иако родителите доброволно ги носат децата на митинзи или собири, институциите укажуваат дека децата мора да бидат заштитени од политичко влијание, дури и кога нема директна злоупотреба.

Реакција имаше и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што остро реагираа на честите случаи на употреба на деца во политичка кампања.
„На социјалните мрежи се појавуваат фотографии и видеа каде деца се користат за политичка пропаганда – било преку присуство на митинзи, делење промотивен материјал или видеа со повик за гласање“, се вели во нивното соопштение.

Според нив, ова е загрижувачка, но редовна пракса во земјата, која се интензивира во време на избори.
Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата јасно забранува злоупотреба на деца поради политичко или верско организирање и дејствување. Тоа значи дека секое нивно појавување во контекст на политичка промоција може да се смета за прекршување на законските одредби.

И додека некои кандидати свесно избегнуваат објавување фотографии со деца, други сè уште ја користат оваа пракса како дел од својата медиумска стратегија.
Некои политичари не гледаат проблем во присуството на деца, тврдејќи дека „тие се иднината на државата“, и велат дека родителите сами ги носат децата на такви настани.

Но, институциите предупредуваат дека децата не можат да дадат информирана согласност, а секоја нивна јавна експонираност во политички контекст ги изложува на ризици и влијанија кои не се соодветни за нивната возраст.
Хелсиншкиот комитет реагираше дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.


