На 7 октомври се отвора бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид

Фото: Агенција „Архиви“ Бугарија / Димитар Карастојанов / Википедија

На 7 октомври во Охрид ќе се отвори новиот бугарски културен центар што го носи името на царот Борис Трети, кој бил на чело на бугарската држава за време на Втората светска војна и окупацијата на Југославија, а во нејзини рамки и на Македонија.

Специјален гостин на отворањето ќе биде бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски, кој платил да се отвори клубот, најавуваат организаторите.

Фото: Фејсбук

Откако во јуни се отвори бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, јавноста дозна дека во план е отворање и на сличен „клуб“ со името „Цар Борис Трети“, а основачите не побарале мислење од Министерството за правда околу името, но имале писмена дозвола да го користат од синот на царот Борис, поранешниот бугарски премиер Симеон Сакскобурготски. За случајот со спорната регистрација во август се заинтересира и Јавното обвинителство.

Борис Трети бил на чело на Бугарија кога, во соработка со нацистичка Германија, земјата учествува во окупацијата на Југославија и Грција, а претходно добива и територија во Романија и се проширува речиси до санстефанските граници, па во бугарската историографија царот се нарекува и „Обединител“. Борис Трети е контроверзна историска фигура и од друг аспект во македонско-бугарските односи – иако според бугарската историографија, тој помогнал да се спасат од смрт во концентрационите логори Евреите во Бугарија, не го сторил истото и за Евреите од Македонија, кои биле речиси целосно истребени откако токму бугарската „администрација“ ги испратила во насицтичкиот логор на смртта Треблинка во Полска.

На најавите за отворање на клуб со името на Борис Трети реагираше Еврејската заедница од Македонија.

„Да потсетиме, цар Борис III и владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблика, во окупирана Полска. Цар Борис III на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава” и е докажан заговорник за спроведување на таканараченото „Конечно решение на еврејското прашање,” наведоа тогаш од Еврејската заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот