МВР спречило полицајка да го дои своето бебе на пауза: „Се превезувам со патници што поминуваат граница“
Министерството за внатрешни работи дискриминирало униформирана полицајка од Куманово врз основа на пол, род и мајчинство, со тоа што не ѝ обезбедило ефективно да ја користи паузата за доење на бебето што законски ѝ следува а е уредена и со Колективниот договор на МВР, утврди Комисијата за заштита од дискриминација. Полицајката имала 9-месечно бебе и работела на граничниот премин „Белановце“ оддалечен 20 километри од местото каде живеела. И покрај нејзините барања, не била прераспределена на поблиско работно место до домот, ниту пак имала како да се превезе за време на паузата за доење од час и половина. Други колешки, како што се пожалила таа во Комисијата за заштита од дискриминација, биле прераспределени поблиску до дома за да може да ги дојат своите бебиња, што со неа не било случај.
Препорачано
Мојот директен претпоставен, командирот, вели дека не се должни ниту да ми обезбедат превоз ниту било што да преземат по тоа прашање. Јас сум во ситуација да се превезувам со патници кои поминуваат граница за да дојдам и да го дојам своето дете, се пожалила таа до Комисијата за заштита од дискриминација.
Одбразложението на Министерството за внатрешни работи зошто не ја прераспределувало на поблиска локација до местото каде што живее – било тоа што во дадениот период имало избори. Одговориле дека ќе постапуваат за прераспределувањето на вработената откако ќе завршат изборите, иако според колективниот договор нејзе ѝ следува паузата од час и половина за доење на бебето само до 15 месечна возраст на бебето. На крајот сепак ја преместиле на поблиско место на живеење.
До Комисијата за заштита од дискриминација МВР испратиле допис во кој уверувале дека Антикорупциската комисија им препорачува да не преместуваат вработени додека трае изборниот период. Полицајката и кога била бремена барала да биде преместена на друго работно место ем затоа што граничниот премин е далеку ем временските услови и патот биле лоши, ама и тогаш не ѝ било излезено во пресрет.
На крајот зела боледување за патолошка бременост.
МВР не само што не ѝ овозможило на својата вработена превоз од границата оддалечена 20 километри од нејзиниот дом, туку и административно ја одолговлекувале постапката, на начин што барале од полицајката да го раздели барањето за прераспределување од она за превоз до дома за време на паузата за доење.
Според членот 171 од Законот за работни односи работничката која го дои детето и после породилното ќе почне да работи со целосно раобтно време, има право на час и половина пауза за доење додека детето не наполни 12 месеци. Колективниот договор на МВР пак, овој рок го продолжува до 15-месечна возраст на бебето.
Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека МВР ја дискриминирало својата вработена на начин што не ѝ било овозможено ефективно остварување на правото на платена пауза за доење на дете, со тоа што нејзините барања за организиран превоз од граничниот премин до дома како и барањето за распределба на поблиско работно место до дома – биле ненавремено реализирани.
Со тоа што МВР административно ја обременувало полицајката да го раздели барањето за превоз од барањето за распоредување – ѝ скратиле 1 месец од правото на платена пауза за доење, констатира Комисијата за заштита од дискриминација.
Со цел постапување согласно принципот на еднаквост и недисркиминација, ако за одредени места како граничните премини, МВР обезбедува службен превоз за вработените, тогаш тој треба да биде достапен и за работничките што дојат. Комисијата смета дека жените што работат на граничните премини треба да се прераспределуваат поблиску до местото на живеење, само привремено додека ја користат паузата за доење, за да не се наруши приницпот на еднаквост, односно да може и мажите и жените да работат на граничните премини. Но, трајното решение е МВР да им обезбедува превоз на овие жени.
Со цел да овозможи еднакво учество на жените на овие работни места МВР е должно да обезбеди превоз на начин што ќе овозможи уживање на правото на платена пауза за доење. Се препорачува МВР во рок од 60 дена да изготви интерен акт со кој ќе воспостави процедура за ефективно остварување на правото на мајката доилка од член 171 од Законот за работни односи и член 126 од Колективниот договор на МВР, односно навремено постапување во слични или исти случаи како на подносителката и изрично гарантирање на организиран превоз на работничките во исти или слични ситуации и за тоа да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Секоја година, во рамките на Светската недела на доењето, Комитетот за доење во Македонија во соработка со Институтот за јавно здравје апелира работодавачите да ги почитуваат правата на мајките што дојат бебиња и да им овозможуваат непречено остварување на нивните права. Лекарите од овој Комитет се децидни дека мајчиното млеко е лек, храна, и дека доењето овозможува емоционално поврзување на мајката со бебето. Предрасудите на околината да се исклучат – советуваат експертите за доење.


