Мустафа: Критериумите во мојата влада беа поинакви од оние на Курти

Фото: МИА

Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа изјави дека во неговата влада имало поинакви критериуми од оние на сегашниот премиер, Албин Курти, односно секој член на неговиот кабинет кој имал проблеми со законот поднел оставка.

Според Мустафа, поради скандалите со набавките за државните резерви во Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПТ), ресорната министерка, Розета Хајдари треба да поднесе оставка од функцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Во владата која јас ја водев имаше поинакви критериуми. Секој член на владата кој се соочил со законот, без оглед на тоа што делото не било поврзано со тој мандат, се повлекуваше од владата. Во сегашната влада има многу луѓе со обвиненија, но тие не само што не поднесуваат оставки, туку и го напаѓаат правниот систем затоа што се занимава со нив, изјави Мустафа за порталот „Газета Блиц“.

Тој нагласи дека е голема среќа за Косово тоа што сé уште не е фатен правниот систем.

– Единствена среќа е што столбот на правдата сé уште не е фатен, ниту пак Уставниот суд и што мнозинството медиуми се однесуваат како независни и професионални, изјави Мустафа, кој беше премиер на Косово од декември 2014 до септември 2017 година.

Двајца раководители од МИПТ, директорот на Управата за стокови државни резерви и директорот на Одделот за европски интеграции и координација на политиките, како и еден бизнисмен близок до власта, се уапсени во петокот поради сомневања за малверзации при набавка на стоки за државните резерви. Основниот суд во Приштина на тројцата им одреди 30-дневен притвор, а се сомничат за кривичните дела „Злоупотреба на службената должност“ и „Пружање помош во извршувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената должност“.

Полициската акција е изведена откако на крајот на минатиот месец порталот „Национале“ објави аудио-снимки од телефонските разговори во кои приведените фуннкционери на МИПТ велат дека масло за јадење и пченица од Полска, кои веќе биле платени, не се доставени во државните резерви.

Во објавените разговори се инволвира и министерката Хајдари, која по објавите на „Национале“ соопшти дека поднела кривична пријава за клевета против сопственикот на порталот, новинарот Берат Бужаља.

Премиерот Курти застана во одбрана на Хајдари, за која рече дека ја ужива неговата безрезервна поддршка. Во видео-обраќање до јавноста по апсењата Курти рече дека во неговата влада нема злоупотреби и корупција, туку, според него, „корумпирани се старите политчки елити“, како и судовите, обвинителствата и медиумите кои го штитат криминалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот