МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп откупи три драмски текстови од македонски автори

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ги постави на својата интернет-страницата трите откупени текстa на конкурсот што го распиша Министерството за култура, во соработка со театарскиот фестивал.

Фестивалот беше иницијатор на конкурсот за откуп на необјавени драмски текстови од македонски автори што го спроведе Министерството за култура. На конкурсот се откупени текстовите „Бреме“ на Мила Јовановиќ – Миленковиќ и „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“, и двата од Мики Душански.

Идејата на конкурсот беше да се збогати домашното драмско творештво, но и да се влијае на поттикот овие текстови да бидат поставени на националните театарски сцени каде наголемо недостига домашната драма. Еден од најважните заклучоци на 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, што се реализираше од 9 до 16 јуни во Прилеп, е дека треба што повеќе да се фокусира токму на новата македонска драма и нејзиното оживување на театарските сцени.

Пријавените 48 текстови ги оцени комисија од компетентни членови, кои за време на траењето на конкурсот беа анонимни. Процесот на работа беше таков што секој член од тричлената комисија работеше независно и требаше секој од доставените текстови под шифра да го оцени со оценка од 1 до 5. По добивањето на оценките за секој драмски текст од секој член на комисијата посебно, беше избрана средна оценка.

За комисија за откуп беа избрани: Маја Стевановиќ, професор на ФДУ, драмски автор и драматург, Нина Николиќ, театарска режисерка, и Васил Михаил, актер, драмски автор и режисер.

Министерството за култура на авторите на македонските драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, обезбеди авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот