Може Скопје и Вилнус од исто место пазареле елка?
Нема шанси елката во Вилнус некој да ја крстел што ти ја знам, на пример Сабонис, Марчуљонис, Куртинаитис или Хомичус? Нема шанси ни елката да се вика Јасикевичиус или како кој било друг литвански кошаркар, бидејќи за Литванија знам работи единствено поврзани со нивната кошарка. Додуша сега им ја знам и елката. И не само што им ја знам, туку имам една таква слична и во мојот град.
„А, бе, што има врска, па што ако личат една на друга? Мислиш некој бил во Литванија за Нова година?“, му тврдеше новоизбраниот директор на таму некое си јавно претпријатие, на човекот со уредно зачешланите малубројни влакненца на темето, кој очигледно беше вознемирен од изгледот на големата новогодишна елка, поставена на градскиот плоштад.
Препорачано
– Не, бе, во Литванија, во Вилнус – одговори сувопарно човекот, според чие однесување можеше да се изведе заклучок дека тој му е надреден, некаков шеф или можеби началник во односите со соговорникот, па во неговиот поглед можеше да се навести доза на строгост.
– Да, де, во Вилнус – одговори директорот, кој очигледно сфати дека ѓаволот ја однел шегата и реши да се поправи – ама, шефе, нашите граѓани се сеирџии, ќе кажат дека сме копирале нечија елка иако ја направивме сами.
– Па кој ни ја направи? – збунето праша надредениот, шефот или можеби началникот.
– Па тендерот ни ја направи?
– А, нема проблем тогаш.
Вака некако или најверојатно не, течеше разговорот во кулоарите на градската управа, откако се востанови дека новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ во Скопје е „бледа флека“ на елката во Вилнус, Литванија.
Но, дека не е баш така, односно дека нашата елка си е оригинал, беше потврдено со првото јавно именување на елката, која по социјалните мрежи го доби името Дафина. Да, Дафина, и тоа по пратеничката од Гостивар, Дафина Стојановска. На луѓето им се видело интересна асоцијацијата на поголемиот број станови на пратеничката, со прозорчињата и вратичките на елката. Симпатично? И нема шанси елката во Вилнус некој да ја крстел, што ти ја знам, на пример Сабонис, Марчуљонис, Куртинаитис или Хомичус? Нема шанси ни елката да се вика Јасикевичиус или како кој било друг литвански кошаркар, бидејќи за Литванија знам работи единствено поврзани со нивната кошарка. Додуша сега им ја знам и елката. И не само што им ја знам, имам една таква слична и во мојот град.
И така, по ѓубрето, скопјани се израдуваа на уште една работа, која инаку е во доменот на работните задачи на градските власти. Поставување елка и китење на главниот град беше нормална работа и во 80-тите години од минатиот век, кога јас бев дете. Немавме тогаш тендери и Дафини, ама имавме елки, лампиони и светилки. Имавме и базар по улица Маршал Тито, каде што купувавме честитки, играчки и прскалки. И поим немавме кој е градоначалник и кој е директор на ова или она претпријатие. Нормално беше градот да се накити пред Нова година, како што беше нормално на ТВ Скопје по полноќ да го емитуваат Супермен.
И интересна работа, кога ќе го накитеа градот, никој потоа не излегуваше пред ТВ-камери да каже дека тоа го направил, ниту, пак, некој претерано се заморуваше со тоа.
И кога го чистеа ѓубрето од кантите, интересна работа, никој не придаваше значење на тоа. Немаше камери, апарати, дронови и кранови во пресрет на акцијата „чистење“. И што е уште поинтересно, тогаш светеа светилките по улиците. Сите светилки. И нормална работа беше да има сообраќајна полиција по крстосниците, па да се поставуваат семафори и пешачки премини. Да, ама ќе рече некој, тогаш немавте демократија.
Не знам, но имам чувство дека тоа што некогаш беше нормално, значи дел од „описот и пописот“ на нечија работна позиција, денеска се толкува како голема придобивка на демократијата. Фрламе ѓубре и китиме елки. Тоа го правиме пред будните очи на јавноста. Ќе имаме и огномет точно на полноќ за Нова година. Уште едно демократско достигнување. Ќе раскитиме по Нова година – вау, се претера со демократија од избраните претставници во локалната власт. Ќе честитаме Божик.
Да се вратиме на Дафина, односно на елката на плоштад. Еве, јас мислам нема шанси некој да бил во Вилнус и му се допаднала, па рекол, ај ваква да си донесеме и во Скопје. Мислам, прво кој воопшто оди во Вилнус, а второ кој од нашите воопшто ги интересира вакви работи. И затоа мислам дека нема шанси нашата елка да е од таму. А може и од иста продавница сме ја купиле?


