Москва ја нарече „богохулна“ одлуката на Бугарија да протера руски свештеник, Руската црква во Софија се затвора

Руската црква во Бугарија ќе биде затворена. Оваа одлука е донесена по протерувањето на двајцата свештеници и шефот на руското црковно предворје во Софија, архимандритот Васијан Змеев, соопшти преку фејсбук Амбасадата на Русија во Софија, а  пренесувајќи го ставот на шефицата на руската дипломатија Марија Захарова. Најавата за затворање на Руската црква во Софија следува откако беше објавено дека тројцата припадници на Московската патријаршија ќе бидат протерани од Бугарија поради закана за националната безбедност.

Чинот на протерување на руските црковни службеници официјална Москва го оцени како богохулен, особено затоа што се случил на празникот Рождество на Пресвета Богородица што, како што додаваат од руското Министерство за надворешни работи, е свет ден за Руската православна црква.

„Овој флагрантен непријателски чин на бугарските власти не подлежи на никакво логично објаснување. Ова покажува дека раководство на Бугарија тргна по патот на уништување не само на политичките контакти меѓу земјите, туку и на културните и хуманитарните врски меѓу нашите народи. Сега целта е да се прекинат односите меѓу сестринските руска и бугарска православна црква, братските врски меѓу рускиот и бугарскиот народ“, се додава во реакцијата на шефицата на руската дипломатија која ја пренесува Амбасадата на Русија во Софија.

Неколку дена пред да биде протеран од Русија, архимандритот Васијан Змеев доби забрана за влез во Северна Македонија, а заедно со него од земјава беа протерани уште тројца руски дипломати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот