Морбидно откритие: Археолозите пронајдоа место за жртвување деца старо 600 години во Перу
На копно во близина на градот Трухиљо, во северниот дел на Перу, археолозите откопаа останки на речиси 40 деца, за кои се верува дека ритуално биле жртвувани пред повеќе од 600 години, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
„Многу од овие останки имаат исеченици на градната коска, некои на ребрата“, изјавил археологот Хулио Асенсио.
Секое дете било погребано посебно, а во близина се пронајдени и останки на двајца возрасни и девет лами, за кои се верува дека им биле извор на храна, облека и транспорт.
Тие најверојатно припаѓале на локалната група Чиму, која доминирала во северниот дел на Перу од 700-тите до крајот на 1400-тите, објаснил Асенсио.
Историчарите веруваат дека групата можеби учествувала во жртвување деца како обид да ги смират своите богови по обилните дождови и поплави.
Научниците претходно пронајдоа друго место каде што се верува дека масовно биле жртвувани 140 деца од групата Чиму, со исеченици на градната коска и ребрата.
Инаку, Перу е дом на стотици археолошки урнатини од бројни предхиспански култури, па сѐ до империјата на Инките, која се протегала од она што сега е јужен Еквадор до централно Чиле пред околу 500 години.


