Момче од Тетовско сакало да изврши масовно убиство, од Америка ѝ јавиле на нашата полиција да го уапси
20-годишно момче од тетовското село Мала Речица се заканувало преку социјална мрежа дека ќе изврши масовно убиство, а полицијата по дојава на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) извршила претрес во неговиот дом, каде пронашла цел арсенал оружје. Уапсен е и 89-годишниот дедо на потенцијалниот терорист, соопшти МВР.
Препорачано
Момчето ќе одговара за тероризам, а дедото за недозволено држење оружје.
„Осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Дискорд“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како „Калашников“, притоа тврдејќи дека тој е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Адам Ланза, исто така 20 годишно момче, во училиште во САД со автоматска пушка убило 26 луѓе, од кои 20 деца“, велат од ОЈО ГОКК.
Заканите ги забележало американското ФБИ, од каде ја известиле Амбасадата во САД во земјава, која, пак, ги алармирала нашето обвинителство и полицијата.
„По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на дискорд-профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса, на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско. За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали“, пишува во соопштението.
К.Х. и неговиот дедо се уапсени и добиле кривични пријави. .


