Моловите наплаќаат за паркирање, но 20 отсто од парите ќе одат во градската каса
Во изминатите години Град Скопје толерирал поединци кои во свои трговски центри наплаќале паркинг од граѓаните, но не му плаќале такса на Град Скопје, тврди градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој потенцира дека инспекцијата во изминатиот период работи на контрола и казнување на таквите објекти.
Препорачано
Тоа се паркинзи во рамки на приватни парцели кои функционираат како паркинзи во изминативе 10 години, но за жал некој дозволил од минатите раководства ни еден денар од тоа што го наплаќаат од граѓаните да не го плаќаат на Град Скопје – вели градоначалникот.
Поради тоа Градот ја воведе највисоката законски предвидена комунална такса од 20 отсто. Тоа значи дека фирмите кои со дозвола на Град Скопје вршат дејност паркирање во сопствените објекти, како што се молови и трговски центри, 20 отсто од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање ќе „префрлаат“ во градската каса.
Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје посочи дека инспекцијата утврдила дека еден трговски центар во Аеродром кој функционира со години, а им наплаќа на посетителите за паркирање, досега на Градот му платил – нула денари.
Инаку, Град Скопје дозволата за вршење на дејност паркирање на фирмите им ја дава со важност од 10 години.


